Се слави Бадник, ден пред Христовото раѓање

Православните христијански верници во земјава  го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ.

Бадник или Коледе е последниот ден од Божиќните пости. На овој ден се подготвува посна бадникова вечера.

Божиќ е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос, а  Христовото раѓање се смета за  почетокот на новата ера.

Со традиционалните коледарски песни, малите дечиња од рано утрината по стариот добар обичај одеа од врата до врата на христијанските домови, чин кој според црковните верувања го навестува скорешното Христово раѓање. Вредните дечиња за својот труд и испеана песна добиваа костени, бонбони, јаболка, портокали и некој денар.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости.Со богата посна трпеза и бадниково лепче со паричка, вечерва  се слави Бадник. Домаќините се трудат да принесат од се’ по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година.

Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик, најголемиот христијански празник.

Последните години е возобновена Бадниковата поворка, децата масовно шетаат низ градските улици и со песната „Вечниот Бог“ го најавуваат Христовото раѓање.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани