Сре05252022

Последна промена10:53:20 AM

SCREEN

Cpanel

   

Back Вие сте на: Home

Артикли

Јово и Авдиравман од Октиси

Сподели

Во антифашистичката војна, битката за слобода на Октиси, Струга и струшко заедно ја отпочнале жителите христијани и муслимани. Во виорот на војната, во борбата за слобода и подобра заедничка иднина немало различности и разлики, етнички поделби и верски припадности. 

 

 


Во Октиси, од 1959 година на местото каде се донесла одлука за масовно стапување во народно ослободителната војна, постои споменик со кој се овековечува споменот на паднатите борци учесници во народната револуција. Така Октишани ја покажале почитта кон единаесеттемина борци што животот го дале за слободата и мирот.


Петре, Јово и Авдиравман, Сандре и Ѓоко, Глигор и Славе, Ѓорѓи и Леон, Тодор и Косто се хероите на антифашизмот од Октиси. Гинејќи за Октиси и Струга, тие верувале во мирот, заедничкиот (со)живот и меѓусебното почитување како вредности со кои во слободно Октиси ќе живеат идните поколенија и генерации.


Некои нови „херои“, денес заговараат нова борба во Октиси, различна од идеалите за соживот на Јово и Авдиравман. Денес сурово се заговараат поделби по етнички основи, бариери и етнички затворености. Се наметнуваат верски проблеми и етнички немири во обид да се сруши мирот, толеранцијата и заедничкиот живот меѓу Октишани. Денес, некој се обидува личните фрустрации да ги претвори во меѓуетничка битка, да ги распали меѓуетничките страсти, да поттикне меѓуетнички немири и тензии но и да ги наметне како замена за негување на меѓуверскиот дијалог и почитување на универзалните принципи на граѓанското општество. Едноставно, денес некој режира меѓуетнички протести.

Иако свесни за огромната вековна поврзаност и упатеност едни на други, во Октиси некој се обидува да креира верски проблеми и верска нетрпеливост. Некој сака, во име на сите жители на Октиси од муслиманска вероисповед, да се спречи обновата и осветувањето на параклисот на местото каде што од 1972 година постоела црквата „Св.Димитрија“ и да го закопа вековното функционално единство помеѓу христијаните и муслиманите.
Некој заборавил дека децениите изминати во заедништво, дијалог и соживот во Октиси не може да се срушат со пцовки и така да се испратат во бестрага. По толку години заедништво и слога, денес некој заборава дека избрзаните и непромислени постапки, секогаш се погрешни и дека меѓуетничките односи не трпат импровизации на фрустрирани поединци.


Ненасилството и надминувањето на разликите низ дијалог на институционално ниво, е објективната реалност и рамка во која со меѓусебна почит ќе се решат недоразбирањата околу камен темелникот на параклисот на „Св.Димитрија“. Обесхрабрување на насилството е она што ни треба кон запирањето на омразата. Се што ни треба е бришење на можноста за меѓуетнички инциденти и создавање општество кое на сите луѓе ќе им понуди еднакви права и можности.Се што ни треба е да им се каже НЕ на заговарачите на меѓусебната борба во Октиси.
Во борбата за слобода, на Јово и Авдиравман од Октиси не им била важна етничката припадност. Тие од душа верувале во Господ и Алах, во црква и џамија.
Тие имале визија и сон за мир, хармонија и еднаквост. Тоа бил аманетот за денешните генерации потомци на Јово и Авдиравман. Генерациите доаѓаат и заминуваат но останува вечна приказната за подобро утре, ненасилство, соживот, толеранција, почит, еднаквост, праведност, благосостојба и среќа за сите. Така е во современиот свет каде сите се еднакви и каде на секој чекор ќе најдете и црква и џамија и катедрала и синагога. Зошто да не биде така и во Октиси?

 

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK