Интересно

Охриѓанец меѓу најдобрите млади тенисери во Америка

Сподели

Стојан Стојановски од Охрид кој само што ја заврши својата втора година студии во Америка, постигна исклучителни резултати како на тениски, така и на училишен план.

Имено, Стојан кој имаше одлична прва сезона, и кој отиде во Америка после освојувањето на Државното првенство за мажи во Македонија, продолжи со одличната игра и се натпреваруваше против најдобрите играчи во Американската Универзитетска НЦАА лига.

 

Беше избран во најдобриот тим во Југозападниот дел на Америка и истовремено беше избран за МВП (најдобар играч), односно најдобар студент спортист на Универзитетот Алкорн. На овој универзитет во Мисисипи од минатата година се придружи и Ѓорѓи Поповски, уште еден македонски тенисер, па тие како Македонска двојка имаа исклучителни резултати и беа еден од најдобрите парови во Конференцијата.

Стојан студира компјутерски науки и својата извонредност ја пренесува и на академски план, завршувајќи ја втората година со највисоки оценки, при што добива бројни признанија од деканот на универзитетот за одличните резултати и за својата посветеност кон студиите.

Инаку младото момче е син на Стојмир Стојаноски, братот  на покојниот градоначалник Јован Стојаноски.