Култура и уметност

Промовирана книгата „Гравири – 40 години подоцна“ од Славе Ѓорго Димоски

Сподели

Промовирана книгата „Гравири – 40 години подоцна“ од Славе Ѓорго Димоски: 60 години живот – 40 години творештво.

 

Славе Ѓорѓо Димоски, се појави и опстојува како маркантна фигура во македонската современа поезија, еве, веќе 40 години, откако, како најмлад поет, ја објави стихозбирката “Гравири”, со која ја освои наградата на Млад Борец – рече, вечерва, професорот д-р Димитар Пандев, на промоиција на репринт - изданието „Гравири – 40 години подоцна“.


Професор Пандев, го претстави Славе Ѓорѓо Димоски како еден од најпознатите македонски поети, кој зад себе има богата интернационална поетска кариера и еден од најнагруваните и во странство најпреведуваните современи македонски автори.
Пандев, пред големиот број присутни љубители на поетската реч, ги цитираше оценките на академик Георги Старделов, кој, преку поезијата на Димоски, ја објаснува тезата за вечноста на поезијата, за бесконечните текстови на македонската поезија. Овој автор е редок пример за тоа како вековните културни наслаги од народните приказни и преданија, се преточуваат во современ поетски стих.
- Согласно оценките на академик Старделов, Ѓорѓо Димоски, на најдобар начин ја објаснува дефиницијата дека поезијата не е само уметност, туку и начин како да се живее – рече професор Пандев.


Димоски, пред да ја објави книгата “Гравири”, пред 4 децении, ги изгорел сите тетратки со неговите дотогашни поетски обиди, кога видел како пишува Рамбо, чија поетска збирка и денеска, за него, е амајлија. По некоја песна од тоа време, може да се најде само на страниците на тогашниот средношколски поетски алманах – “Јужен бран”, во охридската гимназија “Свети Климент Охридски”.
- Професор д-р Венко Андоновски, наш, исто така, познат автор, првата објава на “Гравири” на Димоски, ја оценува како окосница, како разграничување на македонската современа поезија – пред и после оваа збирка поезија на Славе Ѓорѓо Димоски – потенцираше професор Пандев.
Обраќајќи им се на присутните, авторот – славеник Ѓорѓо Димоски, за себе си, кажа дека нејверојатно почнал да пишува уште пред да се роди. Рече дека Рамбо, навистина, е неговиот поетски факел, додека од Есенин би ја зел само биографијата. Преломен момент за него е песната “Куќа”, по палењето на претходните ракописи, која веќе 4 децении е неизоставе избор во сите поетски антологии.
На прмоцијата, присутните можеа да ја видат и изложбатаа на сите досегашните изданија на книги од Славе Ѓорѓо Димоски. 
Посебен интерес предизвикаа збирките објавувани на англиски, руски јазик, на јазиците на балканските и други земји. Овој познат охридски и македонски поет зад себе има богата интернационална поетска кариера. 
Димоски е основач и долгогодишен раководтиел на манифестацијат “Поетска ноќ во Велестово”, а беше и претседател на Управниот одбор на НУ “ Струшки вечери на поезијата”.

Веле Митаноски