Култура и уметност

“Звуците на длетото” да ја заживеат охридската резбарска школа

Сподели

Звуците на длетото се уште одзвонуваат по охридските сокаци. Доказ за тоа беше денешната изложбата на 12 те современи охридски резбари од различни генерации,која се одржа во Куќата на Робевци.

На нивните ремек дела изработени до совршенство се восхитуваат и охриѓани и туристите.

Сите изложени дела се избработени во техники и стилови карактеристични за охридската резбарска школа, вели Оливера Мишева етнолог при Завод и Музеј Охрид.

 

-Ова е еден мал наш придонес за афирмирање и популаризирање на оваа наша традиција, занает или уметност кој како милува со една крајна цел и ние како институција да се приклучиме во обновувањето на резбарското училиште во Охрид, каде повторно ќе се спојат занаетот, уметноста, талентот и љубовта кон убавото. Оваа бесценета традиција никогаш да не се прекине, вели Оливера Мишева етнолог при Завод и музеј и автор на брошурата “Звуците на длетото”.

Старите мајстори работат и ден денес, творат до последен здив. 80 годишниот Цветан Николоски сега ја завршил својата резба за Македонската православна црква во Австралија.

-Ова е вековна традиција ние се трудиме овој спомен да живее и во иднина. Резбарството е вреден занает и не смееме да дозволиме да пропадне, вели резбарот Цветан Николоски.

Младите денес не покажуваат интерес за резбарство, иако од оваа уметност може добро да се заработи. За жал во Охрид пред неколку години пропадна обидот да се отвори резбарска паралелка во ЕМУЦ.

- Младите денес живеат во поинакво време во време на компјутери , па чекаат се на готово. Овој занает не е тежок сака љубов и талент, вели Стефан Грозданоски професор по резбарство во Скопје.

Резба најчесто купуваат вљубениците во убавото, оние кои умеат да ја ценат уметноста. Најскапите резбани дела зависно од големината и начинот на изработка може да чинат и повеќе илјадници евра.

- Јас љубовта кон резбарството ја наследив од мојот чичко Димче Јанко кој е најстариот жив резбар во Охрид.Од деведесеттите години веќе активно професионално работам и творам. Од овој занает ако се труди човек може удобно да се живее, вели резбарот Сашо Јанко.

Денес во Охрид творат триесетина активни резбари. Некои го научиле занаетот од старите мајстори, а некои од нивните ученици.