Писма и коментари

Колумна: Охридски туризам низ призмата на медиумите....

Сподели

 

Како изгледа туризмот во Македонија, конкретно во Охрид секоја година?!?

Традиционално, пред сезона Македонските медиуми излегуваат со вести дека во Охридското езеро се испуштени хемикалии, дека водата не е чиста, и дека плажите се запустени, несредени...

Потоа доаѓа на ред христијанскиот празник Велигден, каде традиционално Охрид е полн од домашни и странски туристи, тогаш, тој период традиционално Македонските медиуми известуваат позитивно за Охрид, како Балканскиот Ерусалим е полн со туристи, како е преубаво...

Како што поминува времето, месец Мај, Јуни медиумите ја вртат својата политика, и агресивно почнуваат да го напаѓаат Охрид, како уште не е среден, не се средени плажите, цените останати исти, секоја година се појавува по некоја опасност Македонскиот бисер да биде избришан од Унеско, а од друга страна наголемо се рекламираат туристичките центри ширум Балканот, најмногу Грција.

Постојано сме бомбардирани од реклами за ефтини пакет аранжмани за Грција, 7 дена за 100 евра, и сите како ,,полудени,, одат по туристичките агенции, купуваат пакет аранжмани, полнат багажот од тоа што останало од зимницата, ајвар, пиперки, домати, и тргнуваат на пат, на летување.

Како што доаѓа месец Јули, медиумите почнуваат уште поагресивна кампања против Охрид, се сликаат ценовниците на услугите во Охридските локали, се прават споредби со цените во земјите во регионов, се создава тотален хаос.

Месец Август, традиционално секогаш е полн, тука повторно, како за Велигден, сега за први Август, Илинден, медиумите известуваат како е Охрид преполн, како е се убаво, како се бара кревет повеќе...

Овој период, растат и цените на пакет аранжманите во туристичките центри во земјите од регионов, и медиумиве, некако стишуваат, ги нема веќе да се јават, да споредуваат, цело време известуваат позитивно за Охрид, за концертите, за настаните кои се случуваат во градов и слично, и на моменти и забегуваат, во мигови кога незнаат веќе што да објават, почнуваат со вести од типот која пејачка како била облечена на плажа, во какво бикини, која имала најдобар задник... и така се до крајот на месецот.

Доаѓа први Септември и готово, се се стишува, почнуваа школската година, почнуваат подготовките за зимница, на политичката сцена, политичките актери почнуваат со дневнополитички препукувања.... се тоа се настани на денот, и на деновите кои доаѓаат следните месеци.

Македонскиот туризам на есен запаѓа во длабок сон, ги нема сите оние критичати, стручњаци да коментираат, да даваат свои мислења без оглед дали биле објективни или не, без оглед дали се точни, реални, вистинити или не...

И се така до Нова Година, тогаш туризмот, а со него се будат и медиумите, кои даваат реклами каде да се слави, што да се облечи, се прават разни анкети, каде, како што......, и повторно за кратко се спомнува Охрид, секако тука во поблага смисла, како е полн, се е убаво, средено, украсено....

Доаѓаат другите Христијански празници, Божик, Василица, Водици.....

Традиционално за Водици Охрид секогаш е полн со туристи, кои се фрлаат во водите на Охридското Езеро по Светиот Крст, и после овој празник доаѓа до уште еден подлабок сон, тоа се месеците Февруари, Март и со доаѓањето на Велигден, повторно се е исто.

Ништо не е поразлично од предходно напишаното....

До кога Охрид, Охридскиот туризам, а со тоа и Македонскиот туризам ќе бидат заложници на Македонските медиуми?!?

Дали во прашање се многуте пари кои ги даваат туристичките агенции за рекламирање на нивните пакет аранжмани за летувања во странство, а кои од друга страна просечен Охридски угостителски објект освен на социјалните мрежи нема доволно средства да се рекламира во националните медиуми, и во медиумите во земјите од регионов?!?

Прашања многу, а уште помалку одговори.

Но, време е сите ние да почнеме да си го цениме, и чуваме своето, па после да гледаме на туѓото.
А се до тогаш, секоја година, како на некоја расипана плоча ќе го гледаме истото, и истото и се така до недоглед.....


Автор: Тони Павловски
Студент на Факултет за Туризам Охрид

Ставовите изнесени во рубриката Колумни се лични ставови на авторот,  Охриднет нема одговорност за изнесените мислења.