Писма и коментари

Колумна: Војна охриѓани - скопјани

Сподели

Веќе години наназад охриѓани и скопјани се во "војна". Веќе не се одбираат ни средства ни зборови кој кого повеќе да навреди.

 

Охриѓани викаат дека скопјани не можеле без Охрид, скопјани пак, дека Охрид без скопјани е ништо, ќе нема туристи и така се до недоглед. Да отвориш по социјалниве мрежи што не ќе прочиташ, од навредлив до понавредлив коментар.

Драги охриѓани, доста беше, време е да престанете со оваа војна. Скопјани можат и без Охрид, но, на  Охрид му требаат  скопјани, бидејќи токму  тие се оние кои во најголем дел ги полнат сместувачките и угостителските капацитети.

Го имаме едно од најубавите езера на светот, и благословени сме живееме покрај него и бенефитите што ги имаме благодарение на него, но сепак тоа езеро не е само на охриѓани, тоа е на сите МАКЕДОНЦИ.

Во Охрид, за жал, се уште мнозинството го немаат научено главното угостителско правило кое вика дека секој гостин е секогаш во право, дури и кога не така. Не треба да се дискутира за желбите и потребите на гостите. Но нашите охриѓани на критика возвраќаат со навреди што е строго недозволиво. И после се чудиме зошто е намален процентот на домашните туристи. Од умот на група луѓе што го имаат,  од тоа е.

Ако порано со гордост, со воодушевување се велеше "ќе идам у Охрид на одмор" сега тоа го кажуваат скромно.  Сега во мода е она "ќе идеме у Грчка на одмор" и после биле таквите предавници, како да не.

Ароганцијата не води никаде. Со овој памет нема да стигнене далеку.

Ај тоа, па охридскиов туризам стана и ептен чувствителна тема за мнозинството охриѓани, не трпат критики, ако ги критикуваш нивните грешки, маани и недостатоци, одма си внатрешен душман, одма излегува дека работиш против интересите на Охрид. Од друга страна, има и такви што строго работат за "интересите" за Охрид, бранејќи ги никаквите маани,  на сметка на туристите со навреди упатени на нивна сметка.

Време е да престане “војната” , време е да се средат работите на ова поле. Време е охриѓани, кои   денгубат пред компјутер, на социјалните мрежи и изигруваат локал патриоти, да почнат  да го промовираат градот, за да ги вратат домашните гости. 

автор Тони Павлоски 

студент на ФТУ Охрид