Чет03302017

Последна промена09:21:24 PM

Back Вие сте на: Home Писма и колумни Антонио Додески со отворено писмо до јавноста

Писма и коментари

Антонио Додески со отворено писмо до јавноста

Сподели

Интернационалниот водич во планина Антонио Додески со отворено писмо до јавноста бара да се преиспита одлуката за изградба на експресен пат измените на планот за управување со Националниот парк Галичица.

 

Охриднет ви го пренесува во целост:

-Поттикнат од јавната расправа по повод измените на планот за управување со Националниот парк Галичица, чувствувам потреба, прашањата кои ги поставив на истста, а на кои не добив конкретен одговор, да ги испратам во писмена форма до организаторот, но и до јавноста, бидејќи карактерот на истите е јавен, a исто така и одговорите, кои се надевам дека ќе ги добијам и на истиов начин ќе ги споделам со пошироката јавност, за да бидеме сите што е можно поинформирани за случувањата во нашата заедница. Ќе започнам со прашањата, а на крајот од ова мое обраќање до јавноста, ќе го истакнам и мојот личен став во врска со планираните проекти, кој го базирам на моето лично искуство и при тоа немам ни најмалку намера, истите да ги прикажам или наметнам како единствено оправдани и исправни. Едноставно, тоа е еден од многуте ставови на поединци, кои навистина ја сакаат природата, планината, езерото и градот Охрид. Пред да започнам со прашањата, сакам уште еднаш да им се извинам на професионалците од ЈУНП Галичица, бидејќи на некој начин ја злоупотребуваме нивната јавна расправа, со прашања кои не се однесуваат конкретно на измените во планот за управување, но искрено се надевам дека тие ги знаат одговорите на истите, штом ја започнале постапката за измени по задолжување од страна на Владата, во спротивно се добива впечаток дека измените се прават, единствено врз основа на нечии желби, кои пак ни се претставуваат како “мега проекти” од национален и јавен интерес. Ќе беше многу подобро, предлагачот на проектите, уште пред да подели задолженија на Јавните установи, државни агенции и сл. да организираше една поширока јавна расправа по однос на проектите, со што ќе и се објаснеше на јавноста многу подобро за потребата и важноста од истите, но и ќе се заштитеа Јавните установи од ваквата непријатна ситуација, да даваат одговори на прашања за кои не се надлежни, а дури и нив треба да им бидат одговорени пред да пристапат кон процесите од нивниот домен на работа. Но да се држиме до реалната сегашност, јас ќе се обидам прашањата да ги поставам до организаторот на јавната расправа ЈУНП Галичица, со надеж дека го знаат одговорот или дека истиот ќе го обезбедат од нарачателот на измените на планот за управување со Националниот парк Галичица.
1. Дали нарачателот на измените на планот за управување со Националниот парк Галичица, до ЈУНП има доставено образложение за потребите и значењето на проектите за јавниот и национален интерес и кое е тоа?
2. Дали нарачателот на измените, во задолжението до ЈУНП се повикува на одредени стратешки определби за развој на споменатите проекти или станува збор за друг вид на проекти, поради кои се налагаат измените?
3. Дали нарачателот на измените има доставено предлог до ЈУНП со компензаторни механизми, за понатамошна и поефикасна заштита на преостанатиот дел од паркот, но и справување со импликациите кои по реализацијата на проектите, истите ќе ги имаат врз заштитата на паркот? (пример: зголемени финансии, материјално технички или човечки потенцијал или сл.)
4. Дали ЈУНП има механизми и може да гарантира, дека во блиска иднина, некоја друга влада, нема да иницира нови, слични проекти од “национален и јавен” интерес, а со тоа и нови измени во планот за управување?
5. Дали ЈУНП е информирана од страна на нарачателот на измените, за тоа кој е инвеститор на проектите и дали станува збор за приватен или државен капитал? (Ова е поврзано со јавниот и национален интерес).
6. Дали ЈУНП е информирана за тоа, дали станува збор за идејни или финални проектни решенија и колкава е можноста за промени во најавените содржини, предвидени во рамки на зоните кои се предмет на промена во планот за управување?
7. Дали ЈУНП е подготвена да поддржи и пристапи кон одредени измени во планот за управување, за потребите на одредени мали индивидуални бизнис проекти од сферата на авантуристичкиот и планински туризам, кои би имале улога и во развојот на стопанството, но и во развојот на заштитата преку партнерство со ЈУНП, а секако по обем не би предизвикале значителен импакт врз животната средина споредено со споменатите “МЕГА” проекти, или таквата привилегија ја има само владата? (Овде пред се мислам на мали сместувачки капацитети, домови, бачила за традиционално производство на храна и слично, во повисоките делови од планината, како во сите останати планини, а особено национални паркови во светот.)
8. Со кои механизми ЈУНП Галичица, ќе се справува со инвеститорите од споменатите проекти чии инвестиции надминуваат не неколку годишни, туку неколку децениски буџети на Јавната установа, доколку истите не се придржуваат до мерките за заштита? (ова го прашувам со оглед на тешкотиите за справување со ловокрадството и дрвокрадството во овој момент и тоа од страна на далеку послаби прекршители) и за крај
9. Дали ЈУНП Галичица и Министерството за животна средина имаат план за враќање во првобитна состојба на просторот, доколку проектите по нивната реализација се покажат не функционални и неодржливи или ќе остане уште една метална депонија на планината како “Ски центарот Отешево” и далекуводот со напуштените контејнери на врвот “Лако сигној”?
Со должна почит, кон професионалците од ЈУНП Галичица и со огромно разбирање дека сте ставени како што и самите рековте “Помеѓу чеканот и наковалната”, очекувам одговори на поставените прашања, бидејќи иако дел од нив не се во Вашиот домен, сепак очекувам да Ви бидат познати одговорите, штом сте се нафатиле на вака обемна работа за измена на планот за управување со Националниот парк Галичица. Верувајте дека ова се само дел од прашањата кои ја интересираат јавноста, а намањето одговор на нив и на многу слични прашања, оставаат сомнеж дека станува збор или за политичко-популистички или за проекти од бизнис интереси на моќници, кои преку државни институции и постапки, сакаат да си обезбедат легитимитет на своите интереси за профит.

Автор Антонио Додевски
Аплинист и Интернационален Водич во планина

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK