Писма и коментари

“Алтернатива на/за ЕУ”

Сподели

Сегашнава надворешно политичка насока која Македонија ја избира длабоко навлегува во ирационалноста на изборот на насоката на ист начин како што e ирационален Грчкиот спор со нас.

Од една страна влегуваме во 6та година од блокадата во НАТО и 2ра година од блокадата кон патот на ЕУ а од друга целта која сме ја одбрале ЕУ клубот не е толку пријателски расположен према нас Македонците. Денеска во делови во ЕУ, Македонците немаат право да се организираат политички, религиозно и културно. Нашинците во делови од ЕУ не можат да го изучуваат македонскиот јазик, да се крстат со македонски имиња, да основаат политички партии, да имаат свои ТВ канали, и културни заедници каде што нашата култура ќе можат да ја негуваат. Сево ова е евидентирано во Европската комисија за Човекови Права додека ЕУ институциите се инфатилни и институционално слабо поставени за да ја корегираат оваа неподнослива состојба.
Во целосната оваа состојба на кршење на човековите права на Македонската нација, мојата земја одбира да биде дел од Еу клубот и упорно се инсистира на ЕУ преговори и НАТО членство. Економските предности на ЕУ/НАТО се ставаат пред човековите права заборавајќи дека човеквите права се фундаментални, базични и имаат преседан пред се останатото. Се застапуваат теории на Европоски мировен проект, вредности и економски бенефиции во услови кога ЕУ е во најголема економска, институционална и морална криза, во Грција фашисти хараат низ парламентот, Франција ги казнува своите граѓани кои носат фереџе итд. Ваквата наша позиција ја прави мојата земја многу подложна на притисоци од ЕУ и САД зошто ние “инситираме” за влез во овие сојузи.
Зачудува фактот што ниедна политичка партија не се залага за алтернатива на ЕУ и НАТО, напротив има политичари на видни македонски партии кои држат пресс конференции во албански политички штабови во кои се нема ниедно македонско обележје при тоа пропагирајќи ЕУ безалтернативност.
Албанскиот политички фактор ја одигруваат улогата на добро “лоши“ момци и суптилно но и отворено се заканува кон имањето на алтернативност на ЕУ и НАТО. Македонскиот блок од друга страна е нем на овие закани небаре се плашат или пак се некадарни да се справат со овој минорен проблем. Јас последен пат кога проверив не видов ни една етничка заедница со пушки да цепи држава а потоа да се припои кон ЕУ само затоа што мајоритетната заедница во дотичната држава е спречена тоа да го прави. Ирационалноста на ставот на албанската заедница во Македонија само ја надополнува ирационалноста на Грците кон Македонците и ирационланоста која Македонците ја негуваат со нивната желба да бидат дел од ЕУ.
Јас цврсто верувам во алтернативни решенија кои го намалуваат ризикот од неалтернативноста која ја нуди дадениот правец на движење, ЕУ. Сегашниов Македонски избор има свои алтернативи кои се веќе присутни а новите алтернативни решенија кои стојат на располагање се исто така добри ако не и подобри од понудената Европска визија.
Прво, сегашнава ситуација на статус кво е алтернатива сама по себе иако можеби тоа на никој не му се допаѓа. Во услови на статус кво нашата економија се придвижува мошне солидно, опкружени сме со НАТО членки кои сама по себе ни гарантира сигурност немаме катаклизма или пак некои црни случувања. Лоши страни за развојот на демократијата има и секогаш ќе има, но дали ова е сврзано со застојот на преговорите во сенка со ЕУ? Јас мислам не!
Втора алтернатива е да се издејствува со ЕУ договор за завршување на поглавјата од пристапните преговори а без притоа да се бара влез во ЕУ. Завршувањето на преговорите со ЕУ се важна компонента од развојот на нашето општество кое дава предпоставки за стабилен деморатски, економски, граѓански и политички развој за нашата земја. Оваа опција е многу прифатлива за нас со оглед на Грчкото вето а и со оглед на волноста на ЕК за одржување на преговори во сенка со нас. Ceteris Paribus ваквата опција Македонија политички полноправно ќе ја прифати кога опозицијата еден ден ќе дојде на власт, ќе застанат во еден ќорсокак во однос на преговорите со Грција од кој нема излез и можеби тогаш политичките елити ќе се свестат дека нема место за нас во ЕУ и барањето алтернативи е вистинско решение.
Трета алтернатива а можда и најисправна е да се избере економски развој на државава која ќе резултира со достигнување на ААА инвестициски кредитен рејтинг според рангирањата на кредитните агенции S&P и Fitch.
Гледајќи ги критериумите за добивање ААА кредитен рејтинг и кои држави имаат таков рејтинг заклучок е дека демократските држави со диверсифицирани економии во разни индустриски гранки, стаблни институции каде што владее правото, низок степен на корупција со висока транспарентност, стабилни политичко економски состојби итд.
Овие се целите кон кои и Македонија се стреми а сето тоа сака да го постигне преку процесот на преговори и евентуален влез во ЕУ и затоа замената на овој процес со една долгорочна фокусираност на развојот на нашата држава треба да е приоритет.
Навлегувајќи подлабоко во кредитните рејтинзи ќе видиме дека има 5 критериуми кои се главни за давање оценка и тоа: Политички криетриум, Економски, Надворешно трговско-финансиски, Фискален и Монетарен критериум. Секој од овие криетриуми се дисекцира понатаму на подкритериуми кои ја оценуваат државата од позиција на евалуација на кредитниот ризик на државата. Тоа се врши преку евалуација на демократијата во земјата, институционалната поставеност и ефикасност, ниво на корупција, влијанието на политиката во институциите на државата, транспарентоста во дражавните извештаи, слободен проток на информација кроз општеството, транспарентост во буџетската постапка, трендот на пораст на БНП, банкарски сектор, степенот на диверсифицираност на економијата, способноста на економијата да генерира извоз, фелкисиблност во буџетска политика итд, итд...
Ваквиот начин на развој на нашата држава гарантира економски просперитет, финансиска независност, демократски развој и исто така независност од меѓународниот фактор како Светска Банка, ММФ, ОБСЦЕ, Европска Комисија. Нормално, постигнување на висок кредитен рејтинг не е лесна и краткотрајна работа, напротив предизвикот е голем, долготраен и комплексен, дотолку и работата во ваков правец би била поупорна, попосветена и поистрајна.
Сегашниов ќорсокак што го имаме постигнато во однос на НАТО и ЕУ не ни бега и во иднина, под услов начинот на носење одлуки во ЕУ остане ист. Кршењето на нашите човекови права како услов за влез во ЕУ е непремостива пречка и до нас е колективно да разбереме дека човековите права се фундаментални и предначат над сите други приоритети во развојот на нашето општество. Што порано одлучиме за еден посамостоен развоен пат балансиран помеѓу истокот и западот и во економски правец на зголемување на кредитниот рејтинг тоа подобро нас.

  автор Сашо Маневски 

 "Охриднет" не сноси  одговарност  за ставовите изнесени во рубриката "Писма и колумни".