Пет11222019

Последна промена11:20:32 PM

SCREEN

Cpanel

          

  • sileks
Back Вие сте на: Home Вести Македонија Свети апостол Тома - Неверен Тома

Свети апостол Тома - Неверен Тома

Сподели

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска се одбележува Свети апостол Тома. 

 Св. апостол Тома.

Свети апостол Тома е познат меѓу народот по неговото неверување, но на малку луѓе им е јасно дека се работи за сомнеж во воскреснатиот Христос како Спасител. Во личноста на неверниот Тома го видоа симболот на сомнежот во Христовото воскресение, зашто секое неверување на секој еден човек во крајна линија е неверување во Христовото подигање од мртвите. Она што му е уште помалку познато на нашиот народ е дека неверувањето на истиот Тома, Господ го искористи за да се потврди пред целиот свет реалноста на Неговото воскресение. Да се потсетиме дека апостол Тома ги стави прстите во Христовите рани и ја опипа реалноста на живото тело, истото тело кое претходно умре на крстот. Подоцна, кога апостолите се распрснаа по целиот свет да го проповедаат Евангелието, на свети Тома му падна да отиде во Индија. Таму пострада маченички и со тоа уште еднаш, и сега најасно, ја посведочи својата вера во воскреснатиот Спасител.

Свети апостол Тома

Во народното паметење останал како неверен Тома

„Тома, ти поверува, оти ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“, му рекол Исус на апостолот Тома.

Светиот апостол Тома е еден од дванаесетте славни Исусови апостоли. Тома на еврејски јазик значи близнак, но апостолот Тома најчесто е познат како Неверен Тома.
Роден е во Панеида, мало гратче во Галилеја. Бил верен следбеник на Исусовото учење, и присуствувал на сите поважни настани од неговиот живот.
Кога Исус, по воскреснувањето, им се јавил на неговите ученици меѓу нив не бил Тома. А кога тие му кажале дека го виделе Спасителот, Томо не верувал и оттука е наречен Неверен Томо. „Тома еден од дванаесетте наречен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус. Другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа“. А тој им рече: „Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата негови, нема да поверувам“. А по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана помеѓу нив и рече: „Мир вам!“ Потоа му рече на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои и не биди неверлив, но верлив“. Одговори Тома и му рече: „Господ мој и Бог мој!“ Исус му рече: „Тома, ти поверува, оти ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“. (Јован 20/25-29)
Кога по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, овие се растуриле по светот за да го шират Исусовото учење, Тома отишол во Индија. Се претставувал како мајстор-ѕидар, а го проповедал христијанството. Таму бил и кога умрела Богородица и на таинствен начин пристигнал три дена по погребот. Многу жалел поради тоа и побарал од апостолите да го отворат гробот и да ја види Божјата мајка. Но кога му ја исполниле желбата и кога го отвориле ковчегот телото на Богородица не било тука. Таа воскреснала и отишла кај својот син. Потоа Томо повторно се вратил во Индија каде што придобил многу неверници кон христијанската вера. Откако ги придобил и жената и синот на царот Миздија овој наредил да го убијат. Војниците го избодиле со копја надвор од градот, а неговите приврзаници го погребале како што му прилега.
Нашиот народ го смета за лесен празник, но за тие што празнуваат именден се смета за тежок празник и тие не треба да работат.

Преданија и легенди
Свети Тома
(Благодејанието е рај.)

Свети Тома бил мајстор за куќи да праит. Откога умре Ристос и се воскресна на небеси, свети Тома ватил да кажуат по луѓето за да го веруваат оти вистина воскреснал од умрените Ристос. Шетал по селата и градовите Свети Тома да кажуат (проповедуат) за Христа. Вистина кажуаше, ама и си работеше мајсторлук да си го вади лебот, а не да чека од народот.
Отишол во еден град и се кажал за прв мајстор (устабашија). Во тој град имало некој чорбаџија многу богат, чул за Свети Тома оти бил многу мајстор и го викнал при себе да го прашат дали можи да му напраит еден сарај што да немат на векот, само убав да бидит. Свети Тома му изваил еден ресим, што беше се зачудил чорбаџијата. Тек, чифт беа се пазариле, и беше му зел капаро Св. Тома да му го праит сарајот. Тој чорбаџија беше многу лош мамелеџија (лихвар): беше и слекол сите луѓе во градот, од тешко мамеле што беше му земал, без исав чоек беше бил и бездушник.
Откоа беше ’и зел парите Свети Тома, думал, думал и издумал еден марифет: и за чорбаџијата да се избавит од греот и сиромасите да се закрепат во градо и да речат Бог да прости. Прашал во градо за кое сет најсиромаси ’рзелии, што не одат по питање, и му дал по троа пари да се подзавати во некоја работа и да се ранат. Поминале неколку дни, и пак пошол Свети Тома кај богатиот, пак му зел пари за ѓоа ќе купуат зајре што требат. Треќи пат, четврти пат му зел, и тогај го прашал чорбаџијата:
- Абре мајсторе – му рекол – ти тукуречи полојната пари ’и зеде и ништо на мегдан не изваде.
- Сите пари, сите ќе ми и даиш, чорбаџи – му рекол Свети Тома – и најпосле ќе го видиш азар сарајот, јас скришем ќе го напраам и веднаш, коа ќе го битисам, ќе го видиш сам, та ќе се зачудиш што сарај јет.
Беше се уверил чорбаџијата и, полека-лека, беше му ’и дал сите пари што требаше за сарајот да се напраит. Дошло определеното време, за да се зглоби сарајот, го викнал Свети Тома и го прашал оти не го зглобил.
Тој му наоѓал рачки и мрдалки, јок утре, јок други ден. На тоа згора чорбаџијата, откоа беше испитал здраво оти Свети Тома ништо не праел, ами само го лажел, сторил давија и го клал апс и на голема мака го предал на судот. За чудо големо, ноќта беше сонил чорбаџијата еден сон како да беше се качил на небеси и беше му показале еден сарај најубав.
- Го познаваш, чорбаџи, овој сарај чи јет? – му рекол ангел Божи.
- Овој сарај јет како расимот мој што ми го даде Тома мајсторо, а чи је сарајо, јас не знам – му одгоорил чорбаџијата.
- Твој јет овој сарај чорбаџи, твој. Овде, откога ќе умриш, ќе си доеш да си седиш, векутума века. Оди сега и пушти го Свети Тома и голем бакшиш да му даиш – му рече ангело. Едно се разбудил чорбаџијата и го пуштил Свети Тома од апсаана, и чорбаџијата се спаси, и сиромасите рекоа: „Бог да прости“.

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK