Македонците најчесто дома, малку патуваат за Нова година

Сподели

Најголем дел од Македонците Новата 2017 година ќе ја дочекаат во домашна атмосфера или кај пријатели.

Има и такви кои за дочекот ќе бидат во европските метрополи или ски центрите во регионот. Иако не можат да се направат прецизни пресметки, Македонците секоја година за дочекот трошат околу 50 милиони евра. Ако секое семејство во просек одвојува по стотина евра, а во земјава има над 500 илјади домаќинства се стигнува до оваа сума. Во последниот месец од годинава традиционално се повлекуваат 30 милиони евра повеќе од платежните картици, анализира Алфа ТВ. Во пресрет на празниците значително повеќе заработуваат сите – од маркети, продавници и бутици, до ресторани и кафулиња во кои се организира дочекот. Граѓаните кои ќе патуваат за празниците веќе се подготвени, другите кои ќе слават дома допрва ќе ја осмислуваат празничната трпеза.

Туристичките агенции тријат раце. Освен домашните капацитети кои клиентите индивидуално ги резервираат, како алва се продаваат аранжманите во соседните држави. Македонците најмногу се заинтересирани за Банско, како локација за дочек која чини околу 200 до 300 евра за 3 ноќевања, но и како место за престој во текот на зимскиот распуст. Не помалку атрактивни се и Боровец, Златибор, Копаоник. За оние со помалку слободни денови се наменети и кратките патувања до Прага, Будимпешта, Рим, Париз, Виена.

Од туристичките агенции велат дека и покрај цената, за претстојните празници заинтересираноста е голема и за подалечните дестинации како Москва, Санкт Петербург, Дубаи, дури и Малта. Па така, зависно од џебот, Нова Година и Божик можат да чинат и 50, но и илјада евра.