Управен суд ќе одлучува по жалбите на партиите

Сподели

Четири тужби поднесе СДСМ, а една ВМРО-ДПМНЕ до Управниот суд по одлуките на Државната изборна комисија за прифаќање на еден приговор (на Беса) и одбивање на 13 други приговори.

До утре Управниот суд треба да ги донесе пресудите по тужбите, по што ќе се знае дали ќе ги имаме конечните официјални резултати од изборите или на 25 декември некаде ќе има прегласување.


Вчера до Управниот суд ВМРО-ДПМНЕ поднесе тужба против решението на Државната изборна комисија со кое се уважи „скандалозниот приговор на подносителот, политичката партија движење Беса и се поништија резултатите од гласањето по листите на кандидати за избор на пратеници во Собранието на РМ, на гласачко место бр. 0396/1, во општина Гостивар, изборна единица 6", соопшти партијата.

За ВМРО-ДПМНЕ ова е незаконска одлука на ДИК и директно влијае на вкупните изборни резултати на штета на коалицијата За подобра Македонија и ја оспорува јасно изразената волја на мнозинството од македонскиот народ. Претходно, ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да почитува одлуки кои нема да ја изразуваат јасно искажаната волја на граѓаните на изборите на 11 декември.

Претходно, СДСМ најави дека поднеле четири тужби до Управниот суд што се однесуваат на гласањето во избирачки места во изборната единица 6. Управниот суд е должен да ги земе предвид сите основани аргументи во тужбите, изјави портпаролот на партијата Петре Шилегов. И СДСМ не е задоволна од работата на ДИК затоа што „не одговори на сериозната задача за целосна заштита на изборниот процес во делот на одлучувањето по приговорите. Македонија ќе добие влада што ќе работи во интересот на граѓаните, рече Шилегов.

Движењето Беса де откажа од тужби до Управниот суд затоа што не сака да ја продолжува оваа изборна агонија. „Разочарани сме од одбивањето на 7 од 8 приговори за изборни нерегуларности од страна на Државната изборна комисија и нема да поднесеме тужби до Управниот суд затоа што се сомневаме во неговата независност и однапред се знае неговата одлука“, велат од Беса.

ДИК прифати само еден приговор на Беса и го поништи гласањето на едно избирачко место во Гостивар каде што друго лице се потпишало на местото на Фатиме Сулејмани, што беше констатирано и од официјален графолог. Евентуалното прегласување на ова избирачко место, 0396/1 во Гостивар, може да го смени бројот на освоени пратенички места меѓу ВМРО-ДПМНЕ 51) и СДСМ (49), односно резултатот може да биде и 50:50.

Пет судии од Управниот суд, избрани по пат на ждрепка, во рок од 48 часа (до утре) на јавна седница треба да одлучат како ќе се постапува по тужбите. Одлуките на Управниот суд се конечни, пишува МКД.мк.