Иванов не го дава мандатот на некој кој го урива уставниот поредок

Сподели

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, се обрати пред македонскиот народ, и во државничкиот говор храбро и одважно застана во одбрана на државните интереси на земјата, во одбрана на македонскиот идентитет, народот и суверениетот на држава.

 

„Пред два дена, на 27 февруари, ми беше доставен доказ дека е создадено мнозинство во Собранието на Република Македонија. Во таа прилика им честитав на партиите кои успеале да создадат мнозинство бидејќи тоа е важен чекор кон излез од кризата.

Денеска го поканив лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, господинот Зоран Заев на консултативна средба во однос на одлуката за доделување мандат за состав на Влада на Република Македонија.

На средбата го запознав за сите правни мислења за кои вчера разговарав со компетентни правни експерти. Според нив, во согласност со член 90, мнозинството е постигнато и тоа е основа за да се додели мандатот за состав на Влада.

Сепак, според правните експерти, проблем се роковите.

Имено, за да се испочитува член 90 од Уставот на Република Македонија останува исполнувањето на роковите кои се утврдени со Устав.

Почитувањето на роковите е неопходно за трансферот на власта да биде легален и легитимен. Разговаравме за повеќе решенија како да се надмине проблемот со роковите и да се додели мандатот, а притоа одлуката да не биде во спротивност со член 90 од Уставот.

Ова прашање е лесно надминливо и за тоа постојат решенија, особено сега кога е веќе создадено и обезбедено мнозинство во Собранието. Во спротивно, мојата одлука за доделување на мандат без запазување на рокот од 10 дена даден во член 90 може да биде оспорена.

На господинот Заев му предложив да изврши консултации и да ме извести за нивниот став за понудените решенија.

Препорачав да се држиме до воспоставената практика од 1992 година, кога и во трите обиди за формирање на Влада се почитувани уставно утврдените рокови од 10 дена. Ме информираа дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија останува на ставот дека роковите во Уставот и воспоставената практика од 1992 година не се пречка за доделување на мандатот и бараа доделувањето на мандатот да биде веднаш.

Покрај оваа формална-правна пречка, постои и многу посуштествен проблем. Еве за што станува збор:

По изборите бевме непријатно изненадени од една постизборна политичка платформа од туѓа држава. Платформата е постизборен документ изработен и потпишан во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Содржината на платформата е надвор и од Уставот и од Охридскиот рамковен договор.

Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Со оваа платформа, Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, сувереност и независност се загрозени.

Процесот на пост-изборно коалицирање и формирање на нова Влада стана заложник на оваа пост-изборна платформа од туѓа држава. Наместо конечно да излеземе од политичката криза, поради оваа платформа ние за жал заглавуваме во уште подлабока криза во која се доведоа во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани.

Долго време очекував дека одредени политички партии ќе покажат државотворност и зрелост и јавно ќе одбијат воопшто да зборуваат за таквата туѓа пост-изборна платформа.

За жал, видовме дека наместо веднаш и без дискусија да ја отфлат, некои почнаа со неа да лицитираат, несфаќајќи дека всушност лицитираат со унитарниот карактер на државата, со идентитетот на граѓаните и државните интереси. За карактерот и иднината на државата не може да се преговара, ниту да се водат разговори на нетранспарентен начин. Граѓаните имаат право да ја знаат вистината за содржината од разговорите.

Но, и за ова има решение. За време на средбата од господинот Заев побарав јавно и јасно да ја отфрли и осуди оваа платформа, бидејќи, македонските граѓани на изборите гласаа за реформите и за исполнување на обврските од договорот од Пржино, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава.

Оттука, втората, суштинска забелешка е дека разговарање за содржината или преговарање за платформа на туѓа држава е спротивно на Уставот на Република Македонија.

И не само тоа, туку преговарањето и прифаќањето на туѓа платформа е казниво дело според кривичниот законик, бидејќи тоа значи доведување на Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава.

Драги сограѓани,

Од меѓународната заедница очекувавме јасно и јавно да ја осуди таквата платформа која претставува бескрупулозно мешање во внатрешните работи и редефинирање на унитарниот карактер на нашата држава.

Многу добро се сеќаваме дека меѓународната заедница излегуваше со такви ставови во случајот со други држави од регионот. За жал, во случајот со Македонија такво јавно осудување немаше. Ваквиот гласен молк ни потврди дека иднината на Македонија сега зависи само од нас, нејзините граѓани и нејзините институции.

Мојата порака е јасна. Штом се воздржа од осудување на платформата што ја загрозува сувереноста и унитарноста на државата Република Македонија, сега меѓународната заедница треба исто така да се воздржи и од наметнување решенија кои би биле во спротивност со државните интереси на Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Преговарањето за платформа на туѓа држава значи негирање на суверенитетот и самостојноста на Република Македонија како што е наведено во Член 1 од Уставот на Република Македонија.

Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Никој од граѓаните на ниту еден демократски избран претставник не му дал право, преговарајќи за пост-изборна платформа на туѓа држава да го загрозува суверенитетот на Република Македонија.

Македонските граѓани на изборите гласаа за партиски програми а не за постизборна платформа на туѓа држава.

Ова се сериозни моменти од историјата на Република Македонија. Секој еден од нас мора најодговорно да се однесува, затоа што секоја погрешна одлука може да има несогледливи катастрофални последици за иднината на државата.

Кога ја превзедов функцијата Претседател на Република Македонија, согласно Уставот, на седницата на Собранието ја дадов и свечената изјава со која се обврзав функцијата да ја вршам совесно и одговорно, се обврзав да ги почитувам Уставот и законите и да ги штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.

Во согласност со оваа моја заклетва, ниту Уставот ниту совеста не ми дозволуваат да дадам мандат на секој оној кој го руши суверенитетот и независноста на Република Македонија.

Драги сограѓани,

Слушам како ме обвинуваат дека со моите досегашни постапки сум ја злоупотребувал службената должност и дека сум можел да добијам кривична пријава. Ги охрабрувам иницијаторите тоа и да го направат. Оние кои деновиве ми се закануваат ги повикувам да покренат и прашање за моја одговорност во согласност со Уставот. И во оваа прилика јасно им кажувам – не постојат закани и уцени што ќе ме натераат да го прекршам Уставот.

Но, истовремено ги охрабрувам да поднесат кривична пријава согласно Кривичниот законик на Република Македонија и против секој оној кој ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава.

Во согласност со Член 84 од Уставот на Република Македонија, јас нема да определам мандат за состав на Влада на Република Македонија на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста.

Туѓи пост-изборни платформи не можат и не смеат да бидат основа за формирање на Влада на Република Македонија.

Драги сограѓани,

Ние немаме резервна држава. Република Македонија е единствената држава што ја имаме. И немаме историско право да го уништуваме она за што се бореле и гинеле генерации. Тие ни ја оставиле оваа држава за да им ја оставиме на се уште неродените, на нашите деца и потомци.

Затоа, сакам да ве уверам, вас граѓаните, дека можете да бидете спокојни.

Сè додека сум Претседател на Република Македонија, нема да дадам мандат ниту на човек ниту на партија што се залага или во својата програма има платформа за рушење на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Република Македонија. Бидејќи длабоко верувам дека ова се темелни вредности со кои никој нема право да тргува. И не мислам да отстапам од нив.