Иванов му го додели мандатот на Заев

Сподели

Претседателот Ѓорге Иванов му го врачи мандатот за состав на Влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Иванов, на доделувањето на мандатот, кажа дека „коалицијата предводена од СДСМ го предложи Зоран Заев за мандатар на новата Влада“, по што му го додели мандатот. 

Заев се заблагодари како мандатар на новата Влада и изјави дека пречките за составување на новата Влада се отстранети. Тој прочита изјава во форма на гаранција што ја доставил до Иванов, во која меѓу другото се вели дека се гарантира „заштита на унитарноста, независноста, заштита на уставниот поредок и територијалната целина и заштита на државните интереси“. Заев во изјавата тврди дека процесот на носење на одлуките ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото.
Заев сега има рок од 20 дена да предложи состав на новата Влада и предлог-програма. Се очекува во рок од 15 дена да биде свикана собраниска седница на која ќе се избере новиот состав на Владата.