Фатална игра: „Синиот кит“ ја вознемири Македонија

Сподели

Смртоносната онлајн-игра „Син кит“, преку која на децата им се задаваат различни предизвици, меѓу кои и да се самоповредуваат и, во крајна дистанца, да извршат самоубиство, се рашири во земјите од регионот, каде што веќе се регистрираа и првите жртви. Паника има и кај родителите во Македонија, некои од нив се јавувале и на СОС-линиите во земјава за да искажат загриженост.


Играта е достапна на Интернет и претставува апликација што може лесно да се инсталира и на мобилните телефони, а цел се децата и тинејџерската популација. Имено, апсолвирајќи го љубопитниот и немирен дух на децата и на тинејџерите, „Синиот кит“ сам по себе создава предизвик, провокација и желба за соочување со нешто непознато. Имено, детето треба да се направи профил или некој вид апликација за пристапување. Откако ќе биде одобрено, играта започнува и трае 50 дена, во чиј тек на децата им се задаваат задачи односно предизвици, кои, според опасноста, градациски се подредени. Поканите за приклучување на играта, со линк за регистрација, се испраќаат и преку пораки на социјалните мрежи. Инструкциите се добиваат на англиски јазик.
- Секоја задача мора внимателно да ја извршиш и никој не смее да знае за тоа. Кога ќе ја завршиш, испрати ми фотографија. На крајот од играта, умираш. Дали си подготвен - ова се дел од зборовите со кои се предизвикуваат жртвите да ѝ се приклучат на играта.
Задачите се различни, во првите се бара децата да гледаат хорор-филм, да се будат среде ноќ со некоја песна, понатаму се редат барања за самоповредување, со цртање „син кит“ или пишување букви со жилет по делови од телото, најчесто рацете. Последниот предизвик е ист за сите - да извршат самоубиство.
Играта потекнува од Русија и, според тоа што го наведуваат тамошните медиуми, „Синиот кит“ се поврзува со смртта на 130 руски тинејџери. Набргу таа се прошири и во Европа, случаи на самоповредување биле регистрирани и во Шпанија и во Велика Британија, а во текот на изминативе десетина дена неколку биле забележани и во Хрватска, досега два случаја, и еден случај во Србија.
„Синиот кит“ ,кој како епидемија се шири низ Европа, ги загрижи и родителите во Македонија. Досега нема официјални потврди дека некое дете или тинејџер се приклучил на играта, но СОС-телефоните веќе почнале да ѕвонат.
Сепак, од исклучителна важност е граѓаните, а особено родителите, учениците и наставниците во училиштата да отворат четири очи и да внимаваат што посетуваат и играат децата на Интернет. Токму во таа насока е и текстов, да се алармира јавноста, да се разбуди свеста на граѓаните, пред заканата што доаѓа преку социјалните мрежи, но и во други форми достапни до младите, за што како медиум имаме граѓанска одговорност пред читателите и пред пошироката заедница.

Извор: novamakedonija.com.mk