Со 62 гласа „за“ избрана новата Влада

Сподели

Собранието на Република Македонија пред полноќ со 62 гласа „за“, 44 „против“ и пет „воздржани“ ја избра новата Влада.

Владиниот кабинет на премиерот Зоран Заев ќе има 25 министри. Пред гласањето за избор на новата Влада, Заев рече дека ќе работи на сплотување, а не на делење и одговараше на прашањата и забелешките на пратениците изнесени за време на дводневниот претрес.

Во однос на прашањето за името кажа дека Владата ќе разговара со опозицијата за да се постигне консензус и оти одлуките ќе бидат конечни на референдум пред граѓаните, но во функција да се најде решение, а не да се блокира. Изрази надеж и за помош од меѓународната заедница:

„Јас сум Македонец и ме боли исто како вас македонштината, а верувам и на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност“.

Новиот премиер од говорницата го покажа одговорот што го добил од Специјалното јавно обвинителство во кое тој се известува дека до овој момент нема поведена истражна постапка или е подигнат обвинителен акт за некој од 25-те министри вклучувајќи го и него. Одговорот од СЈО тој му го остави на претседателот на Собранието да им го подели на пратениците. Рече дека законот ќе важи за сите и оти не сака одмазда и реваншизам.

За Парламентот истакна дека треба да биде коректив на новата власт, а не извршно тело. За обезбедувањето кворум во Собранието смета ќе биде тешко. Се заблагодари за дел од конструктивните дискусии од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.