Сре11212018

Последна промена03:55:14 PM

Back Вие сте на: Home Вести Македонија Светиот апостол Лука

Светиот апостол Лука

Сподели

Според календарот на МПЦ денес се одбележува споменот на Светиот апостол и евангелист Лука.

Во народот се верува дека тој е светецот кој ја лекува душата. 

Роден е во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и иконописот. Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дојде во Јерусалим и таму Го виде Спасителот лице в лице, ја чу Неговата спасоносна наука и стана сведок на Неговите чудесни дела. Откако поверува во Господ, свети Лука беше вбројан меѓу Седумдесетте апостоли и пратен на проповед. Заедно со Клеопа Го виде воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24). По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се врати во Антиохија и таму му стана сотрудник на светиот апостол Павле со когошто патуваше во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожшците. „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните светиот апостол Павле (Колосјани 4, 14). На молба на христијаните го напиша Евангелието, околу 60 година. После маченичката смрт на апостолот Павле, свети Лука го проповедаше Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места. Ја иконописаше Пресвета Богородица - и тоа не една туку три икони - а исто така, и светите апостоли Петар и Павле. Оттука, свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис. На старост го посети и Горен Мисир. Од Мисир се врати во Грција, каде што со голема ревност продолжи да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост. Свети Лука ги напиша Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја. Имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го обесија на една маслинка во градот Тива (Теба) Беотиска. Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, беа пренесени во Цариград.

 

Дебарско – кичевската епархија ги известува своите православни верници дека на 31. oктомври 2018 (среда), во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ – Охрид, по повод празникот „св.ап. и ев. Лука и св. Константин Кавасила“, со почеток во 8:45 часот ќе се служи света архиерејска литургија на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралоиско – сиднејски г.Тимотеј.

 

На 01. ноември 2018 (четврток), во манастирот „Св. Климент и Св. Пантелејмон“, Плаошник - Охрид, со почеток во 8.45 часот ќе се служи света архиерејска литургија, по повод празникот „Преп.Прохор Пчински и прен.на мошти на Св.Јован Рилски“ на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско - сиднејски г.Тимотеј.

 

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK