Денеска стапи на сила Законот за енергетска ефикасност

Сподели

Закон ќе овозможи инвестиции и мерки за енергетска ефикасност.

Новиот Закон за енергетска ефикасност кој минатата недела беше изгласан во Собранието и беше објавен во Службен весник, денеска стапи на сила.Материјата за енергетска ефикасност досега беше регулирана со стариот Закон за енергетика од 2011 година и соодветните подзаконски акти. Новиот закон ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто. Енергетските контролори и друштвата лиценцирани за вршење на енергетски контроли конечно ќе можат да отпочнат со работа и со тоа активно да учествуваат во подобрувањето на енергетската ефикасност во нашата држава. Во иднина енергетските контроли ќе се вршат од обучени и овластени контролори за секоја област посебно – енергетски контроли на големите трговци од една страна и енергетски контроли на згради од друга. Ова законско решение им овозможува јасни услови за работа на енергетските контролори и друштвата кои се стекнале со лиценца за вршење на енергетски контроли, како и нови вработувања во овој сектор. Исто така, со поделбата на контролите во две засебни области, очекуваме повисок квалитет на енергетските контроли и со тоа зголемување на енергетската ефикасност воопшто.