Саб12162017

Последна промена01:44:15 PM

Back Вие сте на: Home Вести Охрид Свети Климент бдее над Охрид, со векови го чува градот од страдања

Свети Климент бдее над Охрид, со векови го чува градот од страдања

Сподели

Свети Климент Охридски е заштитник на градот Охрид и целиот охридски крај.

Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот и околината ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање. 

Еден податок говори дека во Втората светска војна неговиот златен крст го спасил Охрид Германците да не го запалат. Постојат повеќе преданија дека светителот го чувал Охрид и од чума и од други болести.

Во преданијата свети Климент најчесто се среќава заедно со свети Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на браќа во духовна смисла - собраќа, но повеќемина се склони да тврдат дека свети Климент и свети Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православната црква епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

За чудата на Свети Климент Охридски пишувал и познатиот охридски новинар Илче Стојаноски. Тој во неговата  книга “Охридски приказни” раскажува како грците го купиле черепот на светителот од Охрид затоа што Богородица на сон им рекла дека само тоа може да ги спаси од чумата која ги косела со години.

 

- Во еден град близу до Солун каде и денес се наоѓа черепот на Свети Климент неколку години владеела чума. На еден од мештаните на сон Богородица му рекла само черепот на Свети Климент Охридски во Охрид може да ве спаси од болеста. Така грците натоварени со злато и богатство не мислеле колку пари ќе побараат охриѓани, дошле во Охрид и се понудиле да го купат черепот на Свети Климент Охридски. Некои кои не знаеле какво богатство се крие во моштите незнаејќи ја цената на светителот го продале черепот и така тој веќе седум века се наоѓа во Грција, појаснува Илче Стојаноски поранешен новинар.

 Охриѓани веруваат дека духот  на Свети Климент Охридски и ден денес бдее над Охрид,и го чува  градот и неговите жители.Со векови наназад на овој простор се негува култот кон светителот.

Охрид со посебен пиетет  го чествува заштитникот на градот. 

Според календарот на МПЦ на 8 декември се одбележува споменот на големиот светител.

Свети Климент се родил околу 840 година некаде во Македонија. Некои историчари сметаат дека се родил во Солун, или во неговата околина, а тоа го поврзуваат со фактот дека уште како млад бил повикан од Светите браќа Кирил и Методија во нивната мисија (што значи дека најверојатно живеел во нивна близина).
Подоцна, тој учествувал и во преведувањето на светите богослужбени книги од грчки на црквенословенски јазик. Заедно со светите браќа отпатувал во Панонија и Моравија, каде живо учестувал во мислијата за словенска богослужба и словенско Православие. Бил еден од истакнатите учители на младенците од Моравија и Панонија, кои се подготувале за свештеници и ѓакони. По смртта на своите свети учители, под притисок на Германците, а по Божја промисла, заедно со другите ученици (Горазд, Наум, Сава и Ангелариј - заедно наречени Петочисленици од Моравија тргнале на југ, како гостин при кнезот свети Борис Михаил и потоа дошол во охридскиот крај, за да го учи својот народ на божјите вистини. Таму св. Климент прво основал манастир во Белица, кај што му било и првото епископско седиште. Подоцна се преселил во Охрид и оттаму развил голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Неуморно одел од село до село, од град до град и на разбирлив народен јазик со своите боговдахновени проповеди го разгонувал мракот од умот и срцата на своите сонародници. Често говорел за тоа дека нема добродетелен христијански живот без чисто верско-догматско учење и дека најчистото догматско учење не е спасоносно ако не е проследено со богоугоден добродетелен живот. Првото го споредувал со слепец кој има раце и нозе, а второто со човек што има раце и нозе, а нема очен вид. Во Охрид Свети Климент му подигнал црква на Свети Пантелејмон.
Бидејќи бил свесен за тоа оти со својот жив говор може да допре само до своите слушатели, а не до целиот народ и генерациите што ќе дојдат по него, тој основал универзитет во Охрид, прв од таков вид не само на Балканот, туку и во целиот тогашен словенски свет. Низ оваа висока просветна богословска институција, во текот на триесет години, поминале околу 3.500 ученици, на кои им биле откриени длабоките вистини на Светото Писмо и на Светото Предание. Никој никогаш не го видел Св. Климент да се одмора, туку напротив - постојано бил зафатен со работа: на едни им ги покажувал буквите, на други им ја држел раката при пишувањето, а на трети им ја објаснувал длабоката смисла на напишаното. Честопати вршел и две работи одеднаш: и деца учел, и книги пишувал. Поголемиот дел од своето време го употребувал за молитва и богомислие. Тој знаел, а и другите постјано ги учел, дека мрзливоста е мајка и учителка на секое зло. Особено настојувал да ја искорени мрзливоста, да ги навикне луѓето на работа, да ги скроти и спитоми жестоките срца, да ги приведе кон покајание и да ги исполни со вистинско знаење за Бога и за блажениот живот на праведниците во царството небесно. Неговиот труд не останал без плод: учениците негови напредувале и во знаење, и во добродетелен живот.
Неговата слава сѐ повеќе растела и гласот за овој голем духовник и проповедник се слушал на далеку. Затоа бил хиротонисан за прв епископ словенски. Тогаш ги зголемил уште повеќе своите грижи и трудови за доброто и душевното спасение на своите духовни чеда. Во неговото житие се вели дека не им давал сон на своите очи, ниту дремка на своите веѓи. Учел и дење и ноќе, утврдувајќи ги верните во вистините на христијанската вера и богоугодие. Се грижел и за телесната храна на сиромашните, вдовиците и сираците. Напишал беседи на сите неделни и празнични денови на прост и јасен јазик, така што секој можел да ги разбере вистините кои ги учел.
Се трудел педесет години во извршувањето на Божјото дело и вршел чуда и за време на земниот живот. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокоил мирно во Охрид, на 9 август 916 година. Господ го прославил со светителски ореол. Неговите земни остатоци станале чудотворни мошти, од кои по Божја благодат се лекуваат низ векови многу телесно и душевно болни кои пристапуваат со вера и љубов. Неговите мошти се чуваат во охридската црква „Свети Климент“ - „Света Богородица“ - Перивлептос во Охрид.
Свети Климент е закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја. Тој е патрон на Македонската Православна Црква, на Македонската Православна Богословија и Богословскиот факултет, како и на голем број просветни и научни институции во нашата земја. На него се посветени и голем број новоизградени цркви и манастири во европските и прекуокеански земји.
Дела

Покрај црковните и педагошките дејности, особено учителско проветителски, Свети Климент развил и богата книжевна дејност. Автор е на многу поучни и похвални слова како похвалата на Кирил Филозоф, похвалата на пророкот Захариј и св. Јован Крстител, за свети Кирил и Методиј итн. Но, во неговото творештво преовладуваат поучителните слова кои се однесуваат на општохристијанските светители: Св.Ѓорѓи, Св.Тома, Св.Антониј, потоа слова посветени на Пресвета Богородица и слова посветени за настаните од животот на Господ Исус Христос.
Св. Климент бил и првиот епископ словенски со титула епископ велички.

 

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK