Чет08162018

Последна промена03:24:29 PM

Back Вие сте на: Home Вести Охрид Чудата на Свети Еразмо Охридски

Чудата на Свети Еразмо Охридски

Сподели

На 15 јуни се слави празникот Свети Еразмо Охридски: Во Охрид е единствениот манастир и пештерска црква каде творел и живеел светителот.

 Вечерва и утре ( 14 и 15 јуни четврток и петок), сите патишта  водат во духовното светилиште, во кое се верува дека се уште се чуствува силата и божјата благодат на светителот.

Во пресрет на празникот посветен на првиот христијански мисионер во Охрид  ви пренесуваме една неверојатна но вистината приказна.

Скопска фамилија, околу 2000 година, тргнала со кола за Охрид. Патем малку фалело да се удрат со друга кола, да настрадаат сите. 

– Избегнавме голема несреќа. Сполај му за тоа на Господа. Ќе влеземе во некоја црква да запалиме свеќи, да му благодариме на Спасителот! – рекол возачот.

Кода дошле до „Св. Еразмо“, веќе било доцна, стемнето. Сепак, застанале, претпоставувајќи можеби е отворена црквата. И навистина. Капијата отворена, отворени вратите од црквите, но нема човек. Запалиле свеќи, му благодариле на Бога и на светецот, оставиле пари и заминале за Охрид, ама им останало шубе што во црквата не виделе човек, ги мачело со запалените свеќи да не направат штета.

Идното утро, рано, возачот подранил да виде дали се е во ред. Нашол се затворено. По извесно чекање, ете ја црковнослужителката. Кога и кажал зошто дошол, таа зачудено му рекла:
– Сношти јас последна бев овде. Јас ги затворив сите врати. Еве, клучовите се во мене. Други клучови нема никој…

Скопјанецот упорно ја докажувал сношната нивна посета, за отворените врати, набројал што оставиле. Кога влегле, нашле се што оставиле и каде што оставиле скопјаните, свеќите биле повеќе отполу изгорени и самоизгаснати, па во еден глас црковнослужителката и скопјанецот, крстејќи се, извикале:

– Свети Еразмо, навистина си чудотворец!

Меѓу охриѓани се верува дека светителот  е заштитник на патниците. 

ЖИТИЕ: Светиот свештеномаченик Еразмо Охридски

Овој светител беше родум од Антиохија и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан. Се подвизувше крепко на Ливанската Гора и имаше од Бога голем дар на чудотворство. Како архиереј тргна да го проповеда Евангелието. Кога дојде во Охрид, Еразмо го воскресна синот на некој човек по име Анастас и го крсти овој човек. Во таа прилика крсти и мнозина други незнабошци и ги разори идолските жртвеници во Охрид. За ова беше обвинет кај царот Максимијан, којшто во тоа време престојуваше во Илирија. Царот го изведе пред бакарната статуа на Ѕевс и му нареди да принесе жртва и да му се поклони на идолот. Свети Еразмо направи со благодатта, па од статуата излезе страшен змеј и го исплаши сиот народ. И пак направи светителот со благодатта и змејот пцовиса. Тогаш светителот Го проповедаше Христа и крсти дваесет илјади души. Огорчен царот нареди и ги заклаа сите овие дваесет илјади христијани, а Еразмо го стави на тешки маки, па потоа го фрли во затвор. Но му се јави ангел Божји, како некогаш на Светиот апостол Петар и го изведе Еразмо од затворот. По ова овој Божји слуга отиде во Кампанија, каде што им го проповедаше Евангелието на луѓето, па повторно се врати во градот Хермелија, каде што се повлече во една пештера, во која се подвизуваше до смртта. Пред смртта трипати се поклони кон исток и со воздигнати раце Му се молеше на Бога, Бог да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на оние коишто со вера ќе го повикуваат неговото име. На крајот од молитвата се слушна глас од небото: „Нека биде како што се молеше, исцелителу мој Еразмо!“ Сиот радосен светителот погледна уште еднаш на небото и го виде венецот на славата кога се спушташе на него и виде хорови ангели, пророци, апостоли и маченици, кои приоѓаа да ја примат неговата душа. Најпосле самиот возвикна: „Господи, прими го духот мој!“ и издивна, во 303 година. Пештерата со црквичката на Свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа и до денес се пројавува големата сила на овој Божји угодник, свештеномаченик Еразмо.

 

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK