Вто08142018

Последна промена05:04:15 PM

Back Вие сте на: Home Вести Охрид Охриѓанка две години работела како лажна адвокатка

Охриѓанка две години работела како лажна адвокатка

Сподели

Повеќе од две години Емилија Стојаноска од Охрид во охридскиот суд застапувала странки без положен правосуден испит и без лиценца за работа, дознава „Макфакс“.

 

Стојаноска во својство на адвокат и полномошник имала мноштво предмети на кои работела и се појавувала во охридскиот суд. Таа со години успеала да се провлече покрај судиите и службите во судот, а никој од нив не проверил дали охриѓанката има лиценца за работа како адвокат. Стојаноска не е заведена ниту во регистарот на активни адвокати, кој е јавно достапен.

Во претставувањето на Стојаноска како адвокатка неодамна се посомневала судијката Весна Кичеец кога охриѓанката се појавила на судење како полномошник на странка. Извори на „Макфакс“ тврдат дека Кичеец побарала од Стојаноска да приложи решение за упис во Адвокатска комора, но таа не го доставила. Судијката Кичеец ги потврди информациите.

„Не сум јас единствената што се сомневаше во ова лице. Јас практикувам секој адвокат да го проверам во судскиот роковник. Но, тој не се ажурира редовно. Дадов можност лицето во меѓувреме да се стекнало со решение за успис. Кога увидов дека ја нема во списокот, ѝ побарав да ми приложи писмено решение, кое таа не го достави. Се обратив и во Адвокатската комора, од каде што ми кажаа дека не постои адвокат со тоа име и презиме“, вели судијката Кичеец за „Макфакс“.

Предмет за лажната адвокатка отворило Основното јавно обвинителство. Судијката Кичеец очекува по заклучокот на ОЈО, да се разгледа можноста судот да ги поништи решенијата на предметите каде што Стојаноска се појавувала како бранител.

Претседателот на судот, Милчо Клишески, за случајот на Стојаноска веќе дал изјава во ОЈО, заедно со судиите бил на распит во ОЈО, каде што ќе се утврдува дали ја задолжувал со предмети. Освен него, во ОЈО биле и повеќе судии.

„Исказ дадов во ОЈО. Обратете се таму. Предмети по службена должност не сум доделувал. Како ќе постапи судот за предметите што ги застапувала Стојаноска, ќе одлучат судиите што ги работеле по постапката на ОЈО“, вели Клишески.

Дали лажната адвокатка Стојаноска ќе ги врати парите што ги зела од судот и од странките, ќе се знае по истрагата на ОЈО, која треба да заврши со обвинение. Од МВР до овој момент нема одговор дали граѓани поднеле пријава против Стојаноска и дали бараат обесштетување.

„Макфакс“ се обиде, но не успеа, да контактира со охриѓанката што работела како адвокатка бидејќи нејзиниот контакт не е јавно објавен. И покрај постапката на ОЈО, нејзината канцеларија е сè уште отворена.

Извор Макфакс

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK