Усеини не добил решение за уривање, тврди дека неговата пицерија не е дивогрдба
- Детали
- Објавено на Четврток, 08 Август 2019 16:28
Немам добиено решение за рушење на мојата пицерија кај Чинарот, изјави советникот од редовите на ДУИ, Нефи Усеини, на денешната седница на Советот на општина Охрид.
Тој тврди дека неговиот објект е легален за што поседува соодветна документација. Објектот не е цврста градба туку е железна конструкција и за која се платени сите давачки кон општината и државата.
Усеини вели бара правда, а ако налага законот и се постапува неселективно во однос на рушење на дивоградбите, тој сам ќе го сруши својот објект.
– Изминатов период константно се зборува за мојата пицерија. Објектот не е од денес, таму е години наназад. Мојата пицерија е легална, не е дивоградба, има извод на план гласан на совет. Имам документи, 12 години плаќам придонеси. За оваа година поминат е извод од план за поставување урбана опрема како и реновирање и реконструкција, не е нова градба, за што имам докази. Мојот објект не е тврда градба, е железна конструкција, неколку парчиња што се камења се залепени на кнауф. Ако пречи за УНЕСКО јас ќе ја рушам сам, не сакам да му наштетам на градот. Да престанеме со овие лажни вести, лесно е да се зборува тешко е да се сработи. Ова е политичка хајка против мене за да ги покријат нивните проблеми, истакна Усеини.
Усеини вели не е против уривање на дивоградбите, но ако тоа важи за сите,Прво да се рушат сите објекти тераси на брегот на езерото, за кои забележува УНЕСКО, но и да се ослободат сите тротоари низ градот на кои се распослани угостителски објекти, на крај да се отстранат дивоградбите во заштитената зона на НП Галичица.