Пон10212019

Последна промена10:09:32 AM

SCREEN

Cpanel

          

  • sileks
Back Вие сте на: Home Вести Охрид Охридската гимназија во Тоскај Унгарија

Охридската гимназија во Тоскај Унгарија

Сподели

Група ученици од охридската гимназија во посета на Тоскај Унгарија.

Во рамките на проектот Обединети во различноста - Унеско регионално наследство учениците  Дамјан Митрески, Михаил Дуданов, Михаил Симоновски, Михаил Китрозоски и Михаел Илијоски со координаторот на Ерасмус+  психолог Алберта Гулицовска и проф.Александра Томоска, во текот на изминатата недела ги презентираа 17 цели за одржлив развој на Унеско, беа дел од кулинарско шоу, прошетаа по лозовите насади, винарија, ги посетија винските визби каде имаа можност за дегустација на неколку различни типови на вино, а беа и дел од винската пaрада заедно со учесниците на Италија, Чешка и домаќинот Унгарија. 


Исто така, ја посетија и Агтелек пештерата долж границата на Унгарија со Словачка, која се состои од вкупно 712 пештери. Се работи за најдолгата пештера на сталактити на светот во должина од 28 км, која е под заштита на Унеско од причина што настанала поради ретка комбинација на климатски влијанија на тропската клима и движења на глечерите па овозможува преглед на геолошката историја на Земјата во последните 10 милиони години. Во 1887 година станала прва пештера осветлена со електрична енергија, а на учесниците на Ерасмус+ проектот им приредија и мултимедијален спектакл на светлина и звуци кој се користи и во текот на венчавките кои тука се одвиваат. Поради летот до и од Будимпешта, останатото време учениците го поминаа во прекрасната унгарска престолнина.

Слатките десертни вина од регионот Токај во Унгарија се препознатлив белег на овој крај каде во далечно минато постоеле вулкани, дури и море, со оглед на присуството на школки во почвата, остатоци на Панонското море и уште постарото море Паратетис од времето на Миоцен. Климата се менувала, и го обликувала карактерот на ова племенито вино со вековна традиција, околу кое се врти практично се` за домаќините на охридските гимназијалци во Токај. Спомнато дури и во унгарската химна, виното се слави на сите можни начини, па неодамна е изграден и тематски вински музеј, кој иако е лоциран во стара историска градба, располага со најсовремена техничка опрема и е интерактивен па посетителите можат да го истражуваат одејќи, возејќи велосипед или кола без да излезат надвор.

 

Иако се презентирани и другите заштитени вински региони на Европа, вината на Токај се сепак во фокусот: посетителите имаат можност да научат се за нив, како и за различните традиции и активности поврзани со винската култура.
Лоциран на падините на Земпленски брда, долж реките Бодрог и Тиса, винскиот регион Токај е впишан на Унесковата листа во 2002 година како уникатан културен пејсаж кој се обликувал во единствен идентитет и разноликоста на ова подрачје. Во оваа вулканска област во североисточна Унгарија виното се прави со помош на посебна мувла и габички, што служат за концентрација на шеќер. Така, фурминтот, маслашот и особено прочуеното асу, биле омилени вина на славните личности како Бетовен, Луј IV, познат како „крал на Сонцето” и други.


Кулминација на овој своевиден култ на виното е Фестивал на гроздоберот, кој се одржува на почетокот на октомври секоја година. 
Ерасмус+ искуствата се драгоцени бидејќи овозможуваат видување на работите од друга перспектива, мешање со други култури, нова перцепција и ширење на светогледите на младите.

 

 

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK