Полицијата изврши увид по пријавеното труење кучиња во Косел

Сподели

Полицијата изврши увид по прјавеното труење кучиња  во село Косел.

На 25.02.2021 во 11.50 часот, К.А.(34) од Охрид во полициската станица пријави труење на пет кучиња што ги имал згрижено во двор од куќа, сопственост на Н.Т.(20) од охридското село Косел. Полициски екипи и претставник на Агенцијата за храна и ветеринарство извршија увид на местото на настанот, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски. 

Вчера активистот Климент Арнаудов од Охрид на социјалната мрежа фејсбук објави за овој грозоморен чин. 


-Епилог од денешниот хорор. Пет мртви душиња плус уште една возрасна стерилизирана кучка која човекот кој ја хранеше и сакаше ко свое ја закопал при налет на огромна тага кога утрината ја најде мртва. Случајов го пријавив во полиција, дојде на терен и констатира дека станува збор за труеж кој значи прекршување низа закони, по што контактирано беше Јавно обвинителство кое заедно со крим техника дојде на терен и собра доказен материјал (обвивките од паштети кои ги најдов наоколу, а во кои отровот им беше подметнат). Притискав да се стигне до отпечатоци, не само до вид на отров, ќе има истрага во таа насока и ако е нужно ќе молам за ваша помош со донации за покривање на тој трошок. Воедно, крајно задоволен сум од професионалниот ангажман на полицискиот службеник и јавниот обвинител, но не и од ветеринарниот инспектор (на кој и натаму упорно одбив му стварам, небаре за мене нешто "му губам" време).
Воедно, нудам и награда од 500 евра (преку ноќ ќе ги собереме со донации само да има сведоштво) за оној што ќе отвори пат до сторителот на ова злобно дело, на овие морбидни убиства, и кој ќе биде првиот во земјава кој ќе окапа в затвор за овие крајно незаконити дејанија.
За крај, како една поука за оние пасивните, кои не чинат зло но кои со својто неделување и молк и страв на страната на злото прибегнуваат, наместо на страната на доброто, наместо на страната на творење на Божјото дело за кое како луѓе створени сме на овој свет:
"Начелото на злото е единствено и агресивно, и во својата агресивност: лукаво и разновидно; оној кој не му се спротивставува, тој се повлекува и оди во неговата придружба; кој не го спречува неговиот напад, тој постанува негово оружје и пропаѓа од неговото лукавство. Да не му речеш на злото ниту "да" ниту "не", значи заправо да му речеш "да"; и затоа оној кој чека и се сокрива, заправо ниту "чека" ниту "се крие", туку издава и се предава. Само духовно слепиот човек може, признавајќи ја агресивноста, лукавството и разновидноста на злото, да не ги забележи неговото единство и општост. Тој може целосно да се обвитка во својата лична "безгрешност" и да бара "спасение" само за себе - тоа ќе биде доблест на слепиот, чин на оној кој се крие, спасение на егоистот, и сето тоа ќе биде лажно. За соучесништво е крив секој кој не ја вложил сета своја лична сила на активно спречување на злочинот. Секој кој се осврнал, уплашил, кој се чувал себе, кој не се вмешал, "кој ништо не направил", кој до крај не се спротивставил ја носи на себе вината на духовно соучесништво" (Иван А. Иљин).
Затоа делувајте, не чините обид само на последиците, но и на причините, поточно на причината која е злото кое ги запленило нечии човечки души и кои вакви ужасија чинат. И не го префрлајте товарот на неколкумина души, дрско е тоа, нечовечно е тоа. Во битката со злото, и да постанеш жртва не треба да се плашиш, оти станувајќи жртва во овој свет во оној идниот живот вечен ќе наследиш (иако ова на мнозина неверници смешно можеби им гледа, но без тој иден живот овој овдешниот ќе немаше никаква смисла и тежина да се проживее, само малку треба да се подразмисли).
едит: возрасното имаше дом во Италија, кастриран беше, се чекаше олабавување на нештава со короната за да организираме превоз, не дочека кутриот, старата женичка која исто го хранеше не можеше да се смири од плач и тага, душевен бол е тоа, но оваа држава нема осет за тој бол, нема осет за никаков бол, освен што има осет само за злото да го тапка по рамо, наиша Арнаудов на Фејсбук.