Традиции и обичаи на Власите, во охридско – струшкиот регион

Сподели

Влашката заедница на нашите простори е особено значајна како по нивниот континуитет, така и по она што претставува нивна традиција и обичаи.

За жал, книжевните дела дела така и документите по кои може се повеќе и подетално да се согледува и проучува, се многу оскудни.
Сепак, повеќе од значајни се пишаните дела кои имаат големо значење во она што значи прикажување на обичаите за најзначајните моменти, од секојдневниот живот на Власите.
Така, книгата на почитуваниот Трајан Тодороски насловена како „ВЛАСИ – народни обичаи“ има
големо значење како од историски, така од етнолошки, фолклорски и сличен пристап. Она што е значаен аспект од животот и традицијата кај Власите а кое исто така е прикажано и во книгата на Трајаноски,е раѓањето на детето во едно семејство.
Кај оваа заедница, низ временскиот континуитет се верувало дека породот треба да е многуброен, што значело дека една жена можела да има пород и повеќе од десет деца. Кај нив, особено се ценел породот на машки деца. Доколку во едно влашко семејство немало деца, тоа се сметало за огромна несреќа и трагедија.
При раѓањето на децата, кај Власите постоеле многу број прописи и забрани на кои бремената жена морала да се придржува. На пример, до самиот чин на породување таа била приморана да ги извршува сите работи во доменот на нејзините задолженија во куќата.

Меѓутоа, самото породување било тајно, односно се криело. Според тоа, родилката го раѓала детето на некое скришно место. За време на породувањето, била присутна некоја постара жена која била нарекувана бабица според своето искуство. Таа на новороденчето му го врзувала папокот, го капела до три дена и слично.

Согласно верувањата. за да се избегнат породилните тегоби, ( грозница и сл. ), како и да се заштити самото новороденче од лоши духови, се употребувале разни средства како рогови, вода, катран, саѓи, сина боја, лук и сл.

Семејство на Димитри Веруш – Горна Белица

 

Откако родилката ќе се породела, обично повозрасните деца оделе кај своите роднини и најблиски соседи, за да им јават дека во нивниот дом има принова. Кога ја пренесувале веста за новорожбата, тие биле наградувани со разни работи како пари, бомбони, јаболка и сл.

На веста за добиената принова, роднините и блиските соседи го посетувале среќниот дом со понада, погача, ибрик со млеко и пченица. Тоа било според верувањата на Власите, со цел бериќет
во семејството и самото новороденче.

Особено внимание се оддавало на третата вечер од раѓањето на детето, кога се верувало декатогаш доаѓале наречниците кои ја претскажувале судбината на новороденото дете. Тогаш се приготвувала богата вечера според можностите, но без некои големи и помпезни церемонии. Таа вечер, се практикувало детето и родилката да бидат чисти и се да биде уредено во куќата и дворот. Новороденчето го измивале и го ставале во чисти алишта и пелени, а околу него ставале златни и сребрени предмети, пари, погачи, вино а присутна била и бабицата. 

Семејство на Кости Џамти – манастир Св. Наум Охридски

Според верувањето, околу полноќ доаѓале наречниците при што му го одредувале денот на женидбата или мажачката, како ќе живее – богато или поскромно, па дури се одредувала и неговата смрт.

Власите имаат свои обичаи за секој домен од секојдневието и животот, кои низ текот на времето помалку или повеќе се измениле. Но, сепак и според нивниот јазик и според нивните обичаи тие се распознаваат и се одржуваат во една своја заедница, како аманет оставен од претходните генерации.

Машка и женска влашка народна носија, од селото Горна Белица, Струшко. Фотографијата е преземена од Facebook профилот на  КУД "Илинден", од Струга.

 

Текстот го подготви м-р. Никола Митровиќ, в.д директор на историскиот архив на Република Северна Македонија – подружница Охрид, за потребите на проектот "Низ една призма-сите сме исти", спроведен од здружението за мултикултурна интеграција "Инклузија" и финансиран од програмата Civika Mobilitas.