Пет10222021

Последна промена06:47:18 PM

SCREEN

Cpanel

   

  • sileks
Back Вие сте на: Home Вести Охрид Видно намалено нивото на Охридското езеро

Видно намалено нивото на Охридското езеро

Сподели

Состојбата со намаленото ниво на водостојот на Охридското езеро предизвика загриженот во јавноста бидејќи со голо око можат да се забележат мали „островчиња“ но водостојот и понатака е над минимално дозволеното ниво.

 

Моменталното ниво на Охридското Езеро е на дозволената природна кота 693,17 метри утврдена со Билатералниот договор со Албанија но е за 16 сантиметри под просекот за септември (693,33) и за само 7 сантиметри над минимално дозволеното ниво од 693.10 метри.

Охриѓани велат дека последниве години веќе се навикнале од ваквата глетка која места каде некогаш постојано биле под вода сега се претворени во копно.

„Кога состојбата е нормална овие камења се под вода. Никој не презема ништо со години е истата слика. Жалосно го имаме најубавото езеро а не се грижиме да го сочуваме. Оваа убавина е од Бога создадена но нашата негрижа може многу да не чини“ вели повозрасен охриѓанец.

Причина за континуираното намалување на нивото на езерото е долгиот сушен период, а повторно покачување на водостојот се очекува по најавите за врнежи од дожд во наредниот период.

Според експертите ваквите осцилации не се само појава оваа година. Имало повлекувања и претходни години но доколку состојбата и понатака продолжи може да биде загрижувачка.

Минатата година во ноември езерото бележеше драматично намалено ниво кое достигна кота од 693,10 метри што е за 7 сантиметри под дозволената природна кота.

Екологистите сметаат дека влијание врз намалениот водостој има и човечкиот фактор со регулирање на нивото преку испуштање на водата со отворање на портите кај истекот на реката Црн Дрим во Струга, за потребите за производство на електрична енергија. Бараат итни мерки за да не се случи, како што велат, еколошка катастрофа. Според нив осцилирањето на езерото не смее да зависи од производството на струја.

„Поради лични интереси со испуштање на водата преку Црн Дрим за хидроцентаралите се врши еко-катастрофа на Охридското Езеро со тоа што се уништува и растителен и животински свет. Сметаме дека треба да се стави крај на таа појава и да се ограничи една одредена кота која нема штетно да влијае врз екосистемот, вели Борис Џајкоски од Еколошко друштво „Грашница“.

Од АД Електрани на Северна Македонија велат дека во овој период како и во текот на цел месец септември отворот за испуст на вода од Охридското Езеро кон Црн Дрим изнесува 4м и се испуштаат 4,5м3/s вода, при кота 693.17мнв.

„Согласно Водостопанската дозвола која му е доделена на АД ЕСМ се води сметка за минималната кота која изнесува 693.10мнв и која обезбедува биолошки минимум и истата нема да се надмине. АД ЕСМ одговорно управува со испустот на вода, за што е обврзан со одредбите од Водостопанската дозвола издадена од надлежниот орган. Чести осцилации на Охридското Езеро не постојат, освен тие на годишно ниво. И при регулираните осцилации, а во склад со природните, максималната амплитуда се постигнува во јуни, а минималната во октомври“ додаваат од ЕСМ.

Од Хидробиолошки завод Охрид сметаат дека управувањето со испустот на вода од Охридското езеро за потребите на ЕЛЕМ треба да биде регулирано од посебно тело кое има сеопфатни сознанија, а не од истата организација која што постојано произведува струја. Со ваков регулативен систем, додаваат оттаму, се овозможува во даден момент голем пад на самото езеро а со тоа и влошување на состојбте во крајбрежните региони.


С.ВРЕНЦОВСКА

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK