Чет07192018

Последна промена04:01:29 PM

Back Вие сте на: Home Вести Струга Вести Охрид Седмо издание „На зајдисонце“ во Трпејца

Седмо издание „На зајдисонце“ во Трпејца

Сподели

Во петок – 20 јули во Трпејца ќе започне седмото издание на Културно – забавното лето „На зајдисонце“ 2018. Традиционално покровител на манифестацијата е Општина Охрид а годинава за прв пат дел од програмата кој опфаќа збиднувања од културата е финансиски помогната и од Министерството за култура на РМ.


До 28 јули во текот на деветте дена организаторот на манифестацијата „Здружението за Трпејца со љубов“ најавува и ветува богата програма која подеднакво ќе е интересна за гостите и за домаќините.
На чинот на свеченото отворање на манифестацијата „На зајдисонце“ на веќе позната сцена „кај Бунарот“ ќе биде отворена изложба на уметнички дела од Свето Стефановски,новинар,публицист,екологист и ликовен уметник. Последниве години Стефановски живее на релацијата помеѓу Скопје и Охрид. Ликовната кртика за него ќе забележи: Делата на Свето Стефановски, имаат препознатлив стил и јазик со изразита енергија. Широка е палетата на неговото изразување. Кај него ќе најдете и пејзаж,и Стара чаршија, и Охрид и цркви и манастири, ама и цвеќе. Тој не му робува на традиционалното сфаќање на догмите за сликарството. Ослободен е од пресликување на стварноста. Природата кај него е дематеријализирана.
Вечерта со својот настап ќе ја збогати и се’ популарното музичко и од неодамна брачно дуо ДИС - Денис Мурат и Стефани Стефановска од Скопје.
Следните денови во блокот културни настани ќе следат: традиционалната Променада со кајче по Езерото со ученици од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид, театарската работилница „Театар на отворено“ со актерката Марија Новак , поетската вечер „ Поетите за езерото и водата“ со Марина Димовска, филмската вечер на која ќе биде прикажан документарецот „Од Трпејца преку Св. Заум до Св. Наум“ од Томе Љушев – Шпанец и целовечерните концерти на ансамблот „Билјана“, КУД „Фолклористи“ од селото Лескоец – Охрид и градскиот хор VOX LICHNIDOS од Охрид под диригентската палка на Бурим Хидри.
Од едукативните содржини на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца вреди да се биде и на заедничката дружба помеѓу домаќините од здружението „За Трпејца со љубов“ и нивните гости од Поградец, Албанија од здружението „Интелектуална жена“ со кое годинава реализираа заеднички прекуграничен проект а еден од придобивките беше заедничката изложба на фотографии кои ги претставуваат убавините на природата во двете места но и негрижата на човекот кон животната средина . Дел од создадените фотографии ќе бидат изложени и во Трпејца.
Традиционални учесници се и членовите на невладината „Опција“ кои ќе одржат едукативно предавање за болестите на зависност и полно преносливите болести.
Под мотото „И ние можеме“ ќе се претстават и учениците од Подрачното училиште во Трпејца кое е дел од ОУ „Св Наум Охридски“ од Пештани заедно со својата учителка Лила Каранфилоска за да покажат дека и од една ваква мала средина може да се контактира со светот преку учество на меѓународни проекти.
Во спортско – забавниот дел се задржани веќе стандардните настани: школата за цртање со уметникот Слободан Пупиноски, школата за шах и турнирот во шах во организација на клубот „Ласкер“ од Охрид, натпреварот во фаќање риба на јадица, кајакарската регата „Номче Митрески“ и годинава за првпат малиот пливачки маратон како замена за школата за пливање за кој е задолжена познатата поранешна пливачка, сега тренер Соња Думбалоска – Делова.
Туристите заедно со домаќините последниот ден од манифестацијата ќе имаат заеднички излет по стариот турски пат кој ја поврзувал Трпејца со Свети Наум.
Важно е да се знае дека сите приредби и настани на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца се одржуваат на отворена сцена крај и во езерото и се бесплатни а во нив можат да учествуваат сите заинтересирани.

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK