Уште една престижна награда за „Фибула ер травел“

Сподели

Туристичката агенција „Фибула ер травел“ е првонаградена македонска туристичка агенција како најуспешен партнер на холандскиот тур оператор „Корендон“ за 2015 година.

Наградата му беше доделена на генералниот менаџер на „Фибула ер травел“ Асим Меџедовиќ на пригодната свеченост во луксузниот хотел на „Корендон груп“ во Холандија а по повод саемот за туризам што се одржува во градот Утрехт. 

За најуспешни хотели-партнери на „Корендон“ на охридско-струшката ривиера се хотелите „Изгрев“, „Силекс“, „Десарет“, Турист“ и „Макпетрол“.

Оваа награда е една од повеќето високи и престижни награди што последователно ги добива туристичката агенција „Фибула ер травел“.

-Наградата е уште еден доказ за професионалноста на агенцијата и потврда за довербата што ја имаме кај реномираниот бренд „Корендон“. Нашата соработка ќе продолжи и во наредните години, со фокус во доменот на организирани доаѓања и туристички посети за туристите од земјите на Бенелукс, изјави за „охриднет“ главниот менаџер на „Фибула ер травел“,Асим Меџедовиќ.
Тој додаде дека натамошната соработка со „Корендон“ ќе биде одлична можност за реализација на долгогодишните заложби и планови за помагање во збогатувањето на туристичките понуди во Охрид и во Струга.

-Се надеваме дека на овој начин ќе придонесеме за уште поголемо интензивирање на туризмот во Македонија, како и за запознавање на странските туристи со природните убавини на нашата земја“, заклучи Меџедовиќ.