Илјадници верници се поклонија на чудотворната икона во Калишкиот манастир
- Детали
- Објавено на Сабота, 21 Септември 2013 15:02
Манастирот посветен на “Пресвета Богородица” во струшкото село Калишта плени со духовна магија. Тој е надалеку познат по чудотворната икона на Мајката Божја или наречена “Црна Богородица”. Богородица е насликана во црно, а иконата е пронајдена во малата пештерска црква во комплексот. Таа денес се смета за една од највредните икони во земјава и се верува дека има неверојатна исцелителна моќ.
На празникот “Рожденство на Пресвета Богородица” вчера и денес илјадници верници го преполнија манастирот во струшкото село Калишта. На светата архиерејска литургија со која чиноначалствуваше архиепископот Охридски Македонски г.г Стефан утрово присуствуваше и претседателот Горѓе Иванов со сопругата.
Ова е празник кога треба да се посветиме на семејството и да даде Бог да имаме што повеќе рожби, порача Иванов.
- Ова е празник и за славење и за радување. Празник кога го славиме семејството, кога ги славиме рожбите. Празник на кој треба да се посветиме обврските кон децата, кон семејството и да даде Господ да имаме што повеќе рожби, истакна претседателот Иванов.
Во живописниот манастир изграден во карпите на брегот на Охридското езеро се помолија верници од сите краишта во земјава, но и од странство. Велат во верата го наоѓаат својот духовен мир и спокој.
- Ова ни е дар божји. Што треба да си ја чуваме верата христијанска православна. И сите цркви во православието треба да бидат едно бидејќи еден е Бог за сите, вели трет верник.
- Религијата не одржува. Поколението ни било православно ние сме македонци. Не сме ни срби ни бугари. Веруваме во Македонија, вели една штипјанка.
- Да си ја зачуваме нашата вера нашата иднина, вели друг верник.
- Црквата била единствена што не спојува. И буквално и иднината се состои во тоа што на ваквите денови сме сплотени за да си го покажеме единството и вербата во нашата вера, вели еден верник.
“Рождество на Пресвета Богородица” е малата пештерна црква која се наоѓа во Калишкиот Манастир. Потекнува од 14 век. Оваа црква е основата на самиот манастирски комплекс. Црквата се наоѓа во карпа и во неа се наоѓаат три монашки ќелии. Во близина на црквата има две исцелителни води посветени на “Свети Петар” и на “Свети Ананија”.