Со насилство помина проектот „Стоп на насилството“ во Струга
- Детали
- Објавено на Четврток, 26 Септември 2013 18:31
Тепачка и насилство се случила денес во Струга во дворот на средното училиште „Нико Нестор“. Според нашиот извор ученик во струшкото средно училиште од Охрид кој пред малку ни раскажа за настанот, во тепачката учествувале две групи со околу петнаесеттина ученици, сите од албанска националност кои живееле во Струга но и во околните струшки села.
На тепачката и претходела караница на дел од учениците од двата табора а потоа избила меѓусебна тепачка. Полицијата интервенирала, ги разделила разбеснетите ученици и не дозволила продолжување на масовната тепачка.
Интересно е што тепачката се случила за време на средношколскиот хепенинг „Безбедни училишта“ што денес под мотото „Стоп на насилството“ се спроведе и во Струга со пригодна манифестација во средното училиште. Целта на проектот е превенирање на насилството меѓу младите. Оттука останува нејасно како е можно на сред манифестација да се случи насилство и тепачка меѓу учениците што несомнено упатува на размислување за преиспитување на работата на полицaјците задолжени за превенција.