Нелегално се градат плажи во струшко

Сподели

Камиони со земја и градежен шут го затрупуваат брегот на Охридско Езеро на потегот од Струга кон Калишта.

Дел од брегот е покриен со стотици кубни метри отпад кои се тампонираат и се израмнуваат. Во заднина се трските, кои се природно живеалиште на многу охридски ендемски видови. Градежните активности се одвиваа и пред два дена, на 21 јуни, токму на Денот на Охридско Езеро, пишува Утрински весник. 

Зафатите на брегот на езерото се закана за нормалното функционирање на живиот свет во нивната природна средина, предупредуваат експертите, особено ако се прават без дозвола и претходна изработка на елаборати и соодветна документација. Колкави ќе бидат тие штети, допрва ќе се покаже, бидејќи тампонирањето и проширувањето на плажите, педа по педа, се прави во континуитет, пред секоја туристичка сезона.

Струшките еколошки невладини организации потврдуваат дека веќе два дена се работи на две локации, во близина на хотелот „Еуротел“ и на потегот кон Калишта. Информираат дека локалните инспекциски служби биле на терен и направиле записник, бидејќи се работи за недозволени активности. Сепак, вчера ниту во Државниот инспекторат за животна средина, ниту во Општина Струга имаа информации кој презема градежни зафати без дозвола и дали ќе се соочи со санкции.