Груевски ги слушна и проблемите на Радождани

Сподели

Решавањето на проблемот со фекалната канализација е најголем приоритет за жителите на струшкото село Радожда.

Проблемот му го посочија на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски при синоќешната посета на ова населено место на која беше придружуван од министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.
За финансирање на овој проект, според Груевски, решението ќе се бара преку ИПАРД фондовите на Европската унија. Доколку не се обезбедат на овој начин прашањето со изградба на кракот кај Радожба од колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро ќе се решава со државни средства.

– Треба да се аплицира за ИПА фондови, не само за Радожда, туку за уште неколку населени места. Вкупната инвестиција е околу 10 милиони евра, а само за Радожда за изградба на канализација и пречистителна станица потребни се околу еден милион евра. До јуни идната година треба да се одобрат овие пари, втората половина на 2017 да се избере изведувач и во 2018 да почне да се гради. Доколку не се одобри проектот ќе изнајдеме начин со државни пари да се реши проблемот за Радожда, истакна Груевски.

Жителите на Радожда изразија задоволство од повторното отворање на авто-кампот Ливадиште од страна на ЕЛЕМ од кое ќе имаат бенефит и со вработување, но и со поголем број туристи.
Радождани побараа повторно активирање на авто-кампот Треска, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ рече дека не е запознаен со овој проблем. Според кажувањата, овој авто-капм бил под стечај и е во рацете на стечаен управител.