Пон08212017

Последна промена06:11:12 PM

Back Вие сте на: Home Вести Вевчани Над 1.000 маски ќе продефилираат на Вевчанскиот карневал 2017

Над 1.000 маски ќе продефилираат на Вевчанскиот карневал 2017

Сподели

Традиционалните маски - зет и невеста, Глупавиот Август и музичарите, заедно со останатите со кои на сатиричен начин се опишуваат случувањата во изминатите 12 месеци и годинава ќе продефилираат на Вевчанскиот карневал 2017 со кој се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар.

Манифестацијата во чест на верскиот празник Свети Василиј Велики - заштитник на вевчанските василичари, на Вевчани и на вевчанци ќе почне на 10 јануари со трибина на тема „Перспективите на културниот туризам во Македонија со посебен осврт на Вевчани“, на 11 јануари ќе биде промовиран романот „Пред шарени врати“ на вевчанецот Крсте Шутиноски кој живее во Битола, а на 12 јануари ќе биде отворена изложбата на академскиот сликар Мирче Василев.

Забавниот дел ќе стартува на 12 јануари во 21 часот со настап на домашните групи ДНК и Нокаут, а некаде пред полноќ ќе се претстават и Фрајле, гостинките од Србија. На 13 јануари во 21 часот присутните ќе ги забавува фолкерката Анета Наковска, додека Православната нова година ќе биде пречекана со настапот на вевчанецот Ефто Пупиноски. На полноќ ќе има и петминутен спектакуларен огномет.

Градоначалникот на општина Вевчани Цветомир Угриноски очекува на годинашната манифестација да присуствуваат од 15.000 до 20.000 посетители.

- Од година на година бројот на василичари се зголемува и очекувам годинава да имаме повеќе од 1.000 маски кои традиционално на 13 јануари околу 14 часот ќе продефилираат низ вевчанските улици. По дефилето, некаде околу 18 часот василичарите ќе одат од куќа во куќа, а рано изутрина следниот ден заедно со гостите ќе одат на полнење вода на Вевчанските извори. Манифестацијата ќе заврши на 14 јануари со традиционалното палење на маските, рече Угриноски на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека на Василица сите 800 куќи во Вевчани се отворени за гости и можат да се пробаат вевчански специјалитети, греана ракија и вино.

Заменик министерот за култура Драган Недељковиќ исткна дека Вевчанскиот карневал е културно-туристичка манифестација која е еден од најголемите брендови во Македонија што трае повеќе од 1.400 години.

- На 13 јануари целиот свет може да застане, но Вевчанскиот карневал нема да стои. Се надевам дека оваа традиција ќе продолжи уште најмалку 20 века и подолго и дека ќе влезе во календарот на светските карневали и ќе биде препознатлив не само во Македонија и на Балканот, туку и во светски рамки, рече Недељковиќ.

Хроничарот на карневалот, Мишо Китаноски нагласи дека манифестацијата има пагански карактер на улица, а христијански во семејствата.

- Вевчанскиот карневал почнал во слава на богот Перун. Од тогаш, па наваму трае повеќе од 14 века, а ние вевчанци сме убедени дека вечно ќе трае. Карневалот ги критикува, камшикува и покажува сите успеси и неуспеси во годината што изминала. Минатата година беше полна со политички настани и може да се очекува на улиците во Вевчани да имаме прилика да го видиме се она што се случуваше пред нас, вклучувајќи ги и изборите, посочи Китаноски.

Главен покровител на Вевчанскиот карневал е Министерството за култура на Република Македонија.

Вевчанскиот карневал е спој меѓу паганското и современото и секоја година се оддржува на 13 и 14 јануари во очи и на првиот ден од новата година, според стариот календар. Негови главни карактеристики се архаичноста, таинственоста и импровизацијата по што се разликува од сите други карневали во светот. Местото на карневалското случување е целото Вевчани, кое за време на неговото одржување се претвора во своевиден театар без граници каде што секоја куќа и улица е сцена каде маскираните ги изведуваат своите игри.

Во 1993 година Вевчанскиот карневал стана член на ФEЦЦ - Асоцијација на светските карневалски градови под уставното име на Република Македонија.


Извор:sitel.com.mk

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK