Во Вевчани одекнаа лазарските песни
- Детали
- Објавено на Сабота, 31 Март 2018 10:36
Веселите лазарки во Вевчани го најавија доаѓањето на еден од најголемите празници Христовото Восресение Велигден.
Трета година по ред во прекрасното Вевчани е возобновена старата народна традиција со сите обичаи за Лазарова сабота.
-„Да се обнови една народна традиција која последно е забележана 1951 година и не е така лесна работа, не посебно денеска во време-невреме, но наше е да се обидеме само колку да останеме верни чувари на вевчанската култура и традиција и секогаш давајќи скромен придонес“, велат од КУД „Дримкол“ Вевчани.
Има повеќе лазарски песни кои обично се со оптимистична и духовита содржина и посакуваат здравје, успех и напредок. Лазарова сабота е најава за пролетта и Велигден.
Младите девојки облечени како невести накитени со накит одат по домовите и ги благословуваат домаќините.
И во струшко Радожда со векови се чува традицијата. И таму младите лазарки ги распеаа убавите пролетни празнични песни.