Викторија Чочороска на Вевчанското културно лето

Сподели

Синоќа во Домот на културата во Вевчани во рамките на Вевчанското културно лето, концерт одржа Викторија Чочороска, студент на Музичката академија во Скопје, насока: Соло пеење-популарна музика во класата на проф. Андријана Јаневска.

Музичката придружба на пијанино ја реализира Алмир Бајрамовски, студент на Музичката академија - инструментален отсек. Овие двајца млади талентирани уметници синоќа приредија вистинско уживање за публиката, а изведоа странска забавна музика, домашни забавни хитови, но и неколку македонски народни безвременски музички нумери.


- Организаторот овој настан го најави како мој прв солистички концерт, тоа е многу храбро, затоа јас ќе речам дека ова е само едно дружење со мојата Вевчанска публика и еден мој скромен допринос за збогатување на културните содржини во мојата населба и токму затоа од срце вечерва ќе пеам за моето Вевчани со желби за уште поголем развој на населбата и на сите Вевчански млади таленирани луѓе во секоја сфера – изјави пред концертот Викторија.


Викторија Чочороска со музика се занимава од мали нозе, нејзините почетоци се во КУД,,Дримкол,, од Вевчани каде и денес е член на групата ,,Каданка,,. Покрај редовните концертирања во рамки на Факултетот за музичка академија и концертирања во рамки на програмата на ,,Дримкол,, Викторија самостојно настапува и на други културни манифестации и настани, а ова лето концертира низ неколку реномирани хотелски капацитети на Охридско-Струшкото крајбрежје забавувајќи ги странските туристи кој ова лето престојуваат во Македонија.