Пале подготвен за маратонот Нова Градишка- Крушево

Сподели

По учеството на охридскиот меѓународен атлетски маратон, Спасе Каланоски Пале-маратонецот од Вевчани, ги финишира подготовките за учество на Ултрамаратонот што во чест на нашата музичка легенда Тоше Проески, на 13 октомври ќе се трча од Нова Градишка-Хрватска до Крушево, во должина од 900 километри.


Пале сонува повторно да биде дел од Ултрамаратон од Хрватска до Македонија и секојдневно работи на јакнење на својата кондиција да го истрча исклучително тешкиот Ултрамаратон. Вели дека тоа е голем личен предизвик и дека тренинзите ги работи во интервали незапоставувајќи ги техниките за зацврстување на телото и физичката сила.
Спасе Каланоски е 18 годишно момче-маратонец од Вевчани кој е опседнат и живее за маратонското трчање. Пале за себе вели дека од мали нозе е голем вљубеник во маратоните. Во 2014 година, за првпат учествувал на Меѓнародниот атлетски маратонот во Охрид кој се трча од Св.Наум до Охрид во должина од 30 километри. Тогаш, на охридскиот маратон бил прогласен за најмлад учесник кој ја истрчал маратонската траса. Годинава, Пале по трет пат го трча маратонот од Св.Наум до Охрид. „Иако се трчаше по ладно и дождливо време, задоволен сум на резултатот што е подобар од лани, вели маратонецот но, самокритично додава дека не успеал да го сруши својот личен рекорд кој го постигнав во 2014 година.


Иако млад, Пале, зад себе има завидна кариера во трчање. Во својата кратка но сепак богата маратонска кариера, маратонецот Пале го трчал Полумаратонот „Белградска Панорама“ во должина од 21 километар. Тука, од околу 400 учесници, на целта пристигнал 111-ти со време 1 час 53 минути. Учествував на трката во Прилеп по стапките на Крали Марко планинска трка 16 километри,тука имав 18 место од 109 учесници со време од 2 часа 5 минути, вели момчето-маратонец од Вевчани. Тој беше дел од главниот интернационален полумаратон во Белград на кој учествуваа 6000 учесници од 50 земји во светот како и на Скопскиот полумаратон во должина од 21 километар. Од сите досегашни маратони и полумаратони на кои учествувал, маратонецот Спасе Каланоски-Пале од Вевчани, дома си доаѓа со медали, дипломи, благодарници и макети. Горд е на своите успеси, вели дека сам си ги финансира своите учества на маратоните. Се надева дека и покрај скромните финансиски можности, сепак ќе успее да обезбедува и одредени парични донации. Продолжувам упорно и напорно да тренирам и да давам се од себе за да стигнам до моите цели, гордо нагласува Пале маратонецот..
Неуморен е Пале, храбар и жесток вљубеник во маратонското трчање. Има желби големи и соништа за победи. Храбро додава дека сака да дојде до врвот, да го оствари својот голем сон и да ја претставува Македонија и Вевчани на Олимписките игри. Ова е животната желба на 18 годишно момче Спасе Каланоски,маратонецот од Вевчани.