Нед12172017

Последна промена03:30:45 PM

Back Вие сте на: Home Живот Света Анисија, Преподобна Теодора Цариградска и Кесариска

Света Анисија, Преподобна Теодора Цариградска и Кесариска

Сподели

Денешниот ден македонската православна црква го посветила на повеќе значајни светители.

Светата маченичка Анисија

Родена е во Солун од угледни и богати родители, воспитана во Христовата вера. Рано остана сираче и целата се предаде на богомислие и на молитва во својот дом. Побудувана од Христовата љубов често велеше: „О лажен животу на младите, зашто или соблазнуваш или се соблазнуваш. Подобра е староста, но тага ме обзема заради должината на времето коешто ме дели од небесните“. Потоа сиот свој имот го продаде и им го раздаде на ништите, а самата живееше од трудот на своите раце. Држеше строг пост, спиеше многу малку и непрестајно лееше солзи на молитва. Кога ќе ја совладаше сон, си велеше себеси: „Опасно е да се спие кога мојот непријател бдее“. Во тоа време свирепиот цар Максимијан издаде проглас дека секој може да убие христијанин кога ќе го сретне, без суд и осуда. Еднаш оваа света девојка излезе за да оди в црква. Тој ден беше незнабожечки празник на сонцето. Некој војник ја виде убава во лицето, па ѝ пријде со нечиста желба и ја праша за името. Таа се прекрсти и му рече: „Јас сум слугинка Христова и одам в црква“. Кога дрскиот војник ѝ пријде поблиску и почна да ѝ зборува безумни нешта, таа го оттурна и му плукна во лицето. Војникот ја удри со меч под ребрата и ја прободе. Оваа Света девица пострада во 298 година. Христијаните ја погребаа чесно, а Бог ја овенча со маченички венец во Своето Царство. Над нејзиниот гроб подигнаа црква.

Преподобна Теодора Цариградска

Монахиња и послушничка на Св. Василиј Нови (под 26 март). По смртта му се јави на Св. Григориј, ученик на Василиј, и му ги опиша дваесетте митарства што ги минувала нејзината душа дури со помошта на молитвите на Св. Василиј не влегла во вечниот спокој. Се престави кај Господ на 30 декември 940 година.

Светиот апостол Тимон

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Го поставија за Батрски епископ во Арабија. Проповедајќи го Евангелието претрпе многу маки од незнабожците. Го фрлија во оган, но остана неповреден. Најпосле издивна распнат на крст и се пресели во Христовото Царство.

Преподобна Теодора Кесариска

После многу подвизи во манастирот на Света Ана мирно се упокои во 775 година.

Преподобниот маченик Гедеон

По потекло Грк од многу бедни родители. Во младоста насилно го потурчија. Се покаја и побегна на Света Гора, каде што се замонаши во манастирот Каракалу. Желен за мачеништво за Христа зеде благослов од духовникот и појде во местото каде што беше потурчен, им се јави на Турците, ја исповеда својата вера во Христа, а Мухамед го нарече лажен пророк. Турците му ја избричија главата, го положија наопаку врз магаре и го водеа низ градот. Но тој се радуваше зашто претрпе потсмевање за Христа. Потоа со секира му ги отсекоа сите прсти на рацете и на нозете и најпосле го фрлија во нужник, каде што и Му ја предаде својата света душа на Господа, во 1818 година во местото Трново во Тракија. Неговите чудотворни мошти почиваат во црквата на Светите апостоли во Трново, а еден дел се наоѓаат во манастирот Каракалу.

 

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK