Чет04192018

Последна промена04:49:13 PM

Back Вие сте на: Home Живот На Велики четврток се вапсуваат јајца

На Велики четврток се вапсуваат јајца

Сподели

Јајцето е најпопуларниот симбол на најсветлиот христијански празник. Традиционално пред Велигден во секој дом се вапсуваат јајца кои го симболизираат воскреснувањето и почетокот на нов живот.

Тоа е еден од најубавите и највеселите православни обичаи кој се негува до ден денес.
Јајцето отсекогаш се сметало за симбол на повторното раѓање и се поврзувало со оживувањето на природата. Во многу култури јајцето се сврзува и со плодноста, а во минатото постоеле верувања дека целиот универзум е создаден од едно џиновско јајце. Се смета дека ова сфаќање произлегува од латинската поговорка „Omne vivum ex ovo“ што во превод значи „Целиот живот потекнува од јајце“.

Во христијанството велигденското јајце го симболизира Христовото Воскресение. Тврдата лушпа на јајцето го претставува гробот на Исус, а кршењето на јајцата го симболизира воскреснувањето од мртвите. Затоа, кога некому подаруваме велигденско јајце, ние го поздравуваме со зборовите „Христос воскресна“.

Црвеното јајце е симбол на Велигден.
Првите три јајца се вапсуваат на Велики четврток пред изгрејсонце за да не ги види сонцето и затоа, според верувањата, не се расипуваат со години
Старите адети кажуваат дека в зори на Величетврток треба да се вапса барем едно црвено јајце.
- Првото вапсано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце.
- Второто е за домаќинот на семејството.
- Третото за бериќет и за стоката.
За првото јајце се верува дека има магиска моќ, па затоа неговото место е под иконата. Во народните преданија се вели дека со него се лекуваат одредени болести. Обичаите велат дека домаќинката не треба да биде гладна кога започнува со вапсувањето на јајцата. Треба да касне макар еден залак леб, зашто, наводно, доколку вапсува на празен стомак, таквите јајца не носат радост, туку би можело оној што ги вапсува да биде несреќен и болен... Сепак, и во вапсувањето јајца, како и во сите други нешта што се работат, секогаш е најважна добрата мисла. Така, штом излезат првите сончеви зраци на Величетврток, домаќинката (или кој било што ги вапсува јајцата) ги буди најблиските и со првото јајце им поминува по лицата со зборовите: црвено, бело, дебело! Инаку, вапсувањето на јајцата за Велигден е еден од најасоцијативните обичаи за самиот празник, што, всушност, претставува симбол на животот и на раѓањето, а црвената боја, со која најчесто се бојат јајцата, ја претставува Христовата крв.
Тој обичај, според преданието, потекнува од чинот на Марија Магдалена, која по Христовото страдање тргнала во Рим за да го проповеда евангелието. Кога излегла пред царот Тибериј, му подала црвено јајце и рекла: "Христос воскресе". Оттогаш, спроти Велигден, христијаните ги бојат јајцата и со тоа го одбележуваат Христовото воскреснување.

 

 

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK