Сре11222017

Последна промена12:04:19 AM

Back Вие сте на: Home Живот Свети Иларион Мегленски - охридски епископ

Свети Иларион Мегленски - охридски епископ

Сподели

Според календарот на МПЦ денес се одбележува спомен на Свети Иларион Мегленски.

Свети Иларион Мегленски (Охрид, 12 век - Мегленско, 21 октомври 1164) е македонски светител. Познат е по својата борба со богомилите, павлиќаните и манихејците. Православната црква го слави на 27 јануари.

Родителите на Иларион биле видни и благочестиви луѓе. Тие уште како мал го дале да ги учи свештените книги. Кога наполнил осумнаест години, Иларион ги оставил родителите и заминал во манастир. По многу години поминати таму, игуменот пред својата смрт нему му го предал старешинството на манастирот. Според житието Пресвета Богородица му се јавила на архиепископот Евстатиј во Охрид и му рекла: „Не одложувај архиепископе, туку постави го светилото на свеќник. Велам – земи го Иларион, настојателот на манастирот и постави го за пастир на мегленци. Зашто ќе одврати многумина од соблазната и ќе ги насочи кон светлината на благоразумноста.” Во 1134 година охридскиот архиепископ Евстатиј го поставил Иларион за епископ на мегленската епархија, во средна Македонија, со која управувал наредните 30 години, до својата смрт.

 

Во Меглен во XII век живееле многу следбеници на богомилското, павликијанското и манихејското учење, кои од црквата се осудени како ереси. По смртта на македонскиот цар Самуил, Меглен во 1015 година го зазел византискиот цар Василиј II и таму населил многу Сиријци, Ерменци и Печенези. Иларион по стапувањето на чело на мегленската епархија веднаш започнал отворена борба со еретиците, како што е опишано во житието на свети Иларион од трновскиот патријарх Евтимиј (1375-1417)[2].

 

Кога Иларион дошол во соборната црква во Меглен, веднаш ги целивал иконите кои богомилите и други иконоборци не ги почитувале. Потоа, во својата беседа го повикал населението да ја држи православната вера; да ги извршуваат Господовите заповеди; да го следат само она што им е заповедано на православните и да бегаат од секоја ерес. Да веруваат во неразделната Света Троица (некои христијани верувале дека Бог и Христос суштински се различни), во Христовото воплотување и во Животворниот Крст (кого некои христијани го сметале за омразено орудие со кое Исус бил убиен). Да ги почитуваат светите мошти на Светителите (што некои го сметале за суеверие). Да ги држат сите преданија на Црквата (богомилите многу црковни преданија ги сметале за отстапување од изворното христијанство), а да ги колнат сите еретици (кои многу жители на Меглен ги почитувале): Ариј и Евномиј, Савелиј и Македониј, Аполинариј и Ориген и нивните списи, Теодор Мопсуестиски и Несториј – неговиот ученик, Диоскор и Севир и Евстатиј и сличните со нив, и уште Маниј и Павле Самосатски.

 

Еден ден богомилите со Иларион поведеле расправа за верата. Тие го прашале: „Ние сметаме дека добриот Бог е творец на небото, а злиот (бог) – творец на земјата. Зошто вие се противите на тоа?” Иларион им одговорил: „Во Светото Писмо пишува: Господова е земјата и сѐ што е на неа.” Богомилите рекле дека Стариот Завет е од ѓаволот. На тоа Иларион одговорил: „Кога Стариот Завет би бил од ѓаволот, зарем Христос би рекол дека прва и најголема заповед е: „Чуј Израилу, Господ е единствениот твој Бог.”

 

Богомилите тогаш негодувале заради крстот кого го сметале за омразена направа за мачење со која Исус е убиен, а кого православните го почитуваа. Иларион им одговорил дека пред распнувањето на Христа, крстот бил орудие на смртта и како таков – проколнат, а по распнувањето – тој е осветен со Христовата крв и Неговиот знак стана осветување на сите верни.

 

По многу различни аргументи, на кои Иларион одговарал со цитати од Светото писмо, тој најпосле ја завршил расправата со повик собраните да се крстат: „Согледајте ја темнината во која се наоѓате, оставете ја суетата и лагата, познајте ја Вистината и осветлете се со нејзината светлина. Пристапете затоа во Соборната Црква и примете крштение од Светиот Дух за отпуштање на гревовите.” Многу присутни веднаш биле крстени и откако се откажале од својата претходна вера, пристапиле во Соборната Црква.

 

Кога го виделе покрстувањето на својот народ, нивните старешини почнале да го навредуваат Иларион и го нарекувале лажливец и измамник. Иларион го нарекол нивното учење зло, безбожно, хулно и безумно. Еретиците разгневени зграбиле камења в раце и немилосрдно го каменувале Иларион додека тој не паднал на земја, па мислејќи дека е мртов – го оставиле. Кога Иларион се освестил, станал и отишол во својата келија, зашто местото на кое го каменувале било далеку од градот. Кога дознале за ова недело, собор православни луѓе еднодушно одлучиле да ги нападнат еретиците и до крај да ги истребат. Но, Иларион им го забранил тоа, говорејќи: „Не, деца мои, не – туку паметете ги Господовите зборови кажани на Петар: „Врати го својот меч во корицата, зашто секој што меч зема, од меч и ќе загине.” А кога закрепнал од добиените рани, Иларион продолжил да држи беседи и да ги крштева еретиците, воведувајќи ги во Соборната Црква.

 

Друг пат повторно некои дошле кај Иларион, говорејќи дека и тие православно мислат и дека ги држат сите црковни преданија. На нив Иларион им одговорил: „Соборната Вселенска Црква сѐ добро примила од очевидците на Божјиот Син – светите Апостоли и сѐ што ѝ е предадено таа неколебливо го држи до денес. Тоа и вие Ермените сте го држеле до Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон. Од тогаш сте се одделиле од Соборната Црква.” Тогаш некои од собраните христјани му напомнале на Иларион дека православната Црква многу Христови преданија изменила и дека многу обичаи не се како некогаш. Иларион на тоа им одговорил: „Затоа што Христос многу нешта поинаку ги предал, а Апостолите и наследниците направиле тие работи да се вршат поинаку, бидејќи верата се ширеше и тие ги распространуваа Христовите тајни. Така, на пример, кога Христос требало да се крсти – не се свртел на запад, ниту со зборови се одрекувал од сатаната, ниту го изговорил Символот на верата, ниту имало потреба од молитвата при крштевањето, ниту се крстил во крстилница, ниту со миро бил помазан, ниту веднаш по крштението се причестил со Господовото тело и Неговата крв, а ние сега сето тоа го правиме. Или пак, Христос не ја предал причеста по црквите, туку во заедничка соба на општа трпеза, а не бил ни облечен во свештенички одежди, ниту ги изговарал молитвите на нашето свештенодејство, а ние и служби вршиме во црквите и стоиме облечени во архиерејска одежда, зашто сакаме чинот на службата да го направиме поубав и пречесен.”

 

Византискиот император Мануил I Комнин го почитувал епископ Иларион, му испраќал различни дарови и друго што му беше потребно. Иларион придонел меѓу еретиците да настанат спорови и препирки секој ден, зашто едни ги фалеа неговите зборови, а други ја бранеа својата вера. И сѐ повеќе павликијани и богомили ја прифаќаа Православната вера. Гледајќи како се одвиваат работите, императорот Мануил беше многу задоволен и му напиша писмо на Иларион; целата богомилска ерес до крај да ја очисти од христијанското стадо, сите што ќе се покорат на догматите да бидат примени, а оние што не ќе се покорат – да се прогонат некаде далеку. И многу луѓе, кога го слушнаа тоа, од страв пристапија во Православната црква. А Иларион на местото каде што порано се собирале еретиците со своите монаси изградил црква во име на славните Апостоли. И многу следбеници на богомилското учење приброил кон православното стадо, а оние кои останале непокорни на разни начини биле истерани и прогонети.

 

 

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK