Вто01232018

Последна промена10:40:05 PM

Back Вие сте на: Home Живот Најсилните земјотреси во 2017 година

Најсилните земјотреси во 2017 година

Сподели

Серија на земјотреси кои потекнуваат од дојранското епицентрално подрачје се регистрирани од телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија.

Вчера утрото, на 02.01.2018 година се случи најсилниот земјотрес од оваа серијата во 05 часот и 24 минути (локално време). Неговиот епицентар е на 145 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова магнитуда од 4,8, а беше најсилно почувствуван од населението во југоисточниот дел на Република Македонија, и тоа во Дојран со интензитет од VI-VII степени според Европската Макросеизмичка Скала, додека во Гевгелија, Валандово и Стумица со интензитет од VI степени, во Кавадарци, Радовиш, Берово со V степени според истата скала.
Според досегашните податоци земјотресот предизвикал мали оштетувања на градбите во населените места во непосредна близина на епицентарот.
Овој земјотрес почувствуван е и од населението од  Грција и Бугарија.

Во понатамошното истражување на макросеизмичките ефекти на најсилниот земјотрес од утринава, од страна на Сеизмолошката Опсерваторија при ПМФ, изработен е он-лајн прашалник со цел собирање на податоци за осетеноста и ефектите од страна на населението. Кон прашалникот можете да пристапите на следниот линк.

https://goo.gl/forms/S55XEiu1IPPeWx0z1

Земјотресот кој беше почуствуван во утринските часови е најсилниот земјотрес кој е почуствуван на територијата на Република Македонија во почетокот на оваа година, а во продолжение прочитајте повеќе за најсилните земјотреси во светот (со магнитуда поголема од 7 по Рихтер) за 2017 година.

Денес во светот постојат неколку светски сеизмолошки центри што ги собираат и обработуваат сеизмолошките податоци добиени од сеизмолошките станици ширум светот. Еден од таквите центри е Националниот информативаен центар за земјотреси (NEIC) во Голден кој работи во сколопот на Американскиот геолошки завод (USGS) во Денвер, Колорадо, САД. Во нивните месечни билтени и други публикации може да се најдат податоци како за силните, така и за најслабите земјотреси од целата Земјина топка. Од параметрите на земјотресите дадени се хипоцентралното време (Coordinated Universal Time-UTC), географски координати на епицентарот (ширина-j, должина-l), длабочина на хипоцентарот (h во km), магнитудата M. Најголемиот број од овие земјотреси имаат жаришта во досега востановените области на најсилната глобална сеизмичка активност, во граничните појаси на плочите на литосферата (тектонските плочи). Макросеизмичките ефекти т.е. влијанијата на површината на Земјата (врз природата, луѓето, животните и објектите) се различни. Тие зависат не само од магнитудата на земјотресите и длабочините на нивните жаришта, туку и од самата географска локација (природното окружување), населеноста и урбанизацијата на епицентралните подрачја, на пример, оние силни земјотреси чии жаришта се врзани со сегменти на средишно океански лом што се прилично оддалечени од континенталното тло, често имаат сосема слаби макросеизмички ефекти.

Во табeла 1 се дадени параметрите на најсилните земјотреси во светот, со магнитуда поголема од 7.0 за 2017год.

Табeла 1. Параметри на најсилните земјотреси за 2017год.

1) Loyalty Islands
Овој архипелаг во Тихиот Океан се наоѓа во најактивниот сеизмички појас во светот во т.н. „Огнениот пацифички појас“, во кој се случуваат 80% од сите земјотреси во светот. Причината за настанување на овој земјотрес претставува судирот помеѓу Тихоокеанската и Австралиската тектонска плоча, каде што Тихоокеанската плоча се подвлекува под Австралиската плоча т.е. настанува зона на субдукција помеѓу две окенски плочи, при што настануваат силни сеизмички процеси. Не се забележани штети на објекти, но е активиран аларм за појава на цунами со височина од 1 метар од страна на Пацифичкиот центар за предупредување од Цунами кон Каледонија и Вануату.

2) Iran – Iraq border region
Како еден од посилните земјотреси годинава се издвојува земјотресот во северниот регион на Иранско – Ирачката граница. Причината за големиот број земјотреси во овој регион е судирот помеѓу Арабиската и Евроазиската тектонска плоча, при што Арабиската плоча се движи северно, приближно неколку сантиметри секоја година. Всушност, во југо-источниот дел на Иран, Арабиската плоча се повлекува под Евроазиската (зона на колизија), додека во северно – западниот дел, овие две големи плочи се разминуваат (трансформни граници). Како резултат на оваа компресија е настаната планината Загрос.
Земјотресот од 19.11.2017 година предизвика огромни материјални штети, како и загуба на над 630 човечки животи, околу 8.100 лица се повредени, а над 70.000 лица останале без своите домови, предизвикувајќи штета од околку 5 милијарди евра.

3) Puebla, Mexico
Мексико се истакнува како еден од сеизмички најактивните региони во светот, со повеќе од 40 земјотреси секој ден. Причината за тоа е положбата на Мексико, кој е поставен на неколку тектонски плочи кои се вкрстуваат. Па така, границата помеѓу Кокосовата тектонска плоча и Северно американската плоча, создава зона на субдукција која предизвикува голема сеизмичка активност. Предизвикал огромна штета во градовите Пуебла и Морелос, како и во областа наречена Големо Мексико.. Согласно 01.10.2017, познатиот број на загинати лица изнесува 361 жртви и 6000 повредени. 220 загинати во Мексико Сити, 74 во државата Морелос, 45 во Пуебла, 15 во Мексико, 6 во Герреро и 1 лице во Оаксака. Земјотресот предизвикал колапс на над 45 станбени објекти, само во Мексико Сити.

4) Offshore Chiapas, Mexico
Југозападно од епицентарот на земјотресот, Кокосовата тектонска плоча се спушта под Северно-Американската плоча (зона на субдукција), заедно со Средно Американскиот ров. Кон југо – исток, Кокосовата плоча се спушта под Карибската плоча, по должината на ровот.
Земјотресот беше почуствуван се до Мексико Сити и Гватемала. Пријавени се околу 40 смртни случаеви, како и големо оштетување на куќи, училишта, болници и сл.

 5) Komandorksiye Ostrova Region
Командорските острови како дел од Алеутските Острови, се наоѓаат на самата конвергентна граница помеѓу двете најголеми тектонски плочи во светот, во северо-западниот дел на Тихиот Океан, каде што Тихоокеанската плоча се подвлекува (субдукција) под Северноамериканската плоча под агол од речиси 45˚, додека стапката на субдукција изнесува околу 78 mm годишно ниво во правец северо-запад од Северноамериканската плоча. Оваа област е ретко населена, а според USGS, помалку од 1000 жители го имаат почуствувано овој земјотрес.

6) Bougainville Region, Papua New Guinea
Земјотресите се честа појава во Папуа Нова Гвинеја, бидејќи се наоѓа во „Огнениот пацифички појас“. Причината за настанување на овој земјотрес претставува судирот помеѓу Тихоокеанската и Австралиската тектонска плоча, каде што Тихоокеанската плоча се подвлекува под Австралиската плоча т.е. настанува субдукција на двете окенски плочи, при што настануваат силни сеизмички процеси, бидејќи на самата гранична линија се вкрстуваат и две помали тектонски плочи – Соломоновата плоча и Јужен Бизмарк плочата. Епицентарот на земјотресот е на 40km од гратчето Пангуна. Според достапните податоци пријавени се 3 човечки жртви и 1 повреден, како и оштетување на голем број градби.

7) Celebes Sea
Причината за настанување на земјотресот во Целебското Море претставува процесот на подвлекување (субдукција) на Филипинската плоча под Сунда плочата која е дел од Евроазиската плоча. Филипинскиот архипелаг лежи во таканаречениот Тихоокеански огнен појас, каде што појавата на земјотреси е најчеста. Поради големата длабочина на хипоцентарот на земјотресот, не се предизвикани материјали штети ниту човечки жртви.

8) South of Fiji Islands
Жариштето на настанување на земјотресот се наоѓа во активно сезимичко подрачје. Во овој предел Австралиската плоча се подвлекува (субдукција) под Тихоокеанската плоча. Фиџи, како и околниот регион, спаѓа меѓу сеизмички најактивните подрачја на Земјата.Не се регистирани материјални штети ниту повредени лица. Земјотресот предизвикал паника меѓу локалното население и туристите, како и тревога за можна појава на цунами.

Извори:
www. emsc-csem.com
www.usgs.gov

Автори:
М-р Јасмина Најдовска
М-р Катерина Дрогрешка
Арсе Кузманоски
Моника Андрееска

Извор:

http://www.igeografija.mk/Portal/?p=8575

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK