Вто10162018

Последна промена11:37:35 AM

Back Вие сте на: Home Живот Огнена Марија - заштитничка на жените

Огнена Марија - заштитничка на жените

Сподели

Православните верници на 30 јули го одбележуваат празникот на света великомаченичка Марина, во народот познат како Огнена Марија, која се почитува како борец за христијанската вера и заштитничка на жените.

 

Според народното верување, Света Марина пали и казнува со огин и како и Свети Илија кој казнува со гром, спаѓа во огнени светци.

Обичај е да на овој празник, кога поради големата жештина гори и небото и земјата, ништо да не се работи.
Во преданијата има примери за оган и громови кои во врелите празнични денови го палеле житото, сеното и домовите на луѓето кои работеле на овој празник.

Житие

Родум од Антиохија Писидиска, од родители незнабожци. Дури во својата дванаесетта година слушна за Господ Исус Христос, дека се воплоти од Пречистата Дева, дека изврши многу чуда, прими крсна смрт и славно воскресна. Нејзиното младо срце се распали со љубов кон Господ и таа се заветуваше дека никогаш нема да се мажи и со сета душа сакаше да пострада за Христа, да се крсти со крв на мачеништво. Татко ѝ ја замрази заради нејзината вера и не ја сметаше за ќерка. Кога царскиот намесник Олимвриј дозна дека е христијанка, побара од неа најпрво да му биде жена. А кога го одби, ѝ нареди да им се поклони на идолите, на што Света Марина одговори: „Нема да им се поклонам ниту ќе им принесам жртва на безживотните и мртви идоли, кои ниту самите знаат за себе ниту пак знаат дали ние ги чествуваме или ги бесчестиме: не им ја давам онаа чест што Му припаѓа само на мојот Создателот“. Тогаш Олимвриј ја подложи на маки, па целата изнаранета ја фрли во затвор. Во затворот Марина Го молеше Бога и по молитвата ѝ се јави најпрво ѓаволот како страшна змија што ѝ се намотка околу главата. Но штом светителката се прекрсти, змијата се распукна и исчезна. Тогаш ја заблесна небесна светлина и ѕидовите на затворот заедно со покривот исчезнаа и се јави крст, висок и блескав, а на неговиот врв бела гулабица, од која се слушна глас: „Радувај се, Марино, словесна гулабице Христова, ќерко на севишниот Сион, зашто дојде денот на твојата радост.“ Тогаш, со силата Божја, беше исцелена од сите рани и болки. Другиот ден безумниот судија ја мачеше во оган и во вода, но Марина с ѐ претрпе како во туѓо тело. Најпосле ја осуди на смрт со меч. Пред смртта ѝ се јави Господ Исус со ангели. Беше заклана во времето на царот Диоклецијан, но со душата и силата остана да живее на небото и на земјата. Една рака од Света Марина се наоѓа во манастирот Ватопед на Света Гора. Во Албанија пак, на планината Ланга над Охридското Езеро, се наоѓа манастир на Света Марина со дел од нејзините чудотворни мошти. Во овој манастир се случуваа и се случуваат многубројни чуда и за нив сведочат не само христијаните туку и муслиманите. Кон оваа светителка Турците имаат толкава почит, што никогаш не посакале да посегнат по светоста и имотот на манастирот. Едно време тутор на овој манастир беше Турчин.

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK