
Илинден или ден на Св. Илија — голем македонски национален и православен празник, кој се одбележува на 2 август.
Илинден има посебно значење за историјата на македонскиот народ заради тоа што на 2 август започнало Илинденското востание во 1903 година, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ. Денес, илинденската традиција е испреплетена со патриотски, фолкорни и религиски симболи, што го прави Илинден еден од најважните празници во Македонија.
Денеска се навршуваат сто и деветнаесет години од Крушевската република и 78 години од Првото заседание на АСНОМ. Со Илинденското востание и Крушевската република во 1903, а потоа и на вториот Илинден – Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, беа поставени столбовите на Републиката и на државноста. Годинава, 2 Август – Денот на Републиката – Илинден, се одбележува под слоганот „Илинден – нашата сила за иднината“.
Овие два датуми се длабоко вкоренати во колективната меморија на нашиот народ. Двата Илиндена претставуваат историски темелник на македонската самобитност, непокор и слобода.
Илинден како државен празник е неработен ден во Македонија. Претседателот и владата на Македонија организираат разни свечености на повеќе локации низ Македонија.
По тој повод, претседателот на државата и делегации на Собранието и на Владата, ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености. Институциите ја објавија агендата за денешното чествување, според која оваа година, шефот на државата Стево Пендаровски ќе ја предводи државнo-црковната делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“, премиерот Димитар Ковачевски ќе присуствува на свеченоста во Крушево, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе се обрати на настаните организирани во Пелинце.