Општина Вевчани апелира да нема организирање на карневалот

Општина Вевчани апелира да нема групирање и организирање на карневал.

-Ние како Општина Вевчани се откажавме од организација на овогодишните концерти, изложби и сите други активности за “Вевчански Карневал 2021”, се со единствена цел да ве заштитиме Вас, Вашите фамилии, Вашите најблиски од оваа пандемија. Иако Св. Василја за нас вевчанци е повеќе од обичен празник, нешто што е во нашата крв, во нашата ДНК, во нашите гени од самото раѓање, ние како општина должни сме да АПЕЛИРАМЕ до сите Вас да ги почитувате мерките и протоколите на комисијата за заразни болести, бидејќи ние веќе сме во војна со невидлив непријател, а тоа е ова многу заразна и непредвидлива болест. Наши непријатели не се ниту Комисијата за заразни болести, ниту МВР, ниту докторите и медицинскиот персонал кои апелираат да се почитуваат мерките и протоколите, напротив тие се на наша страна, во првите борбени редови грижејќи се за нашите животи. На сите преку глава ни е веќе од оваа болест, доста ни е од заболени и смртни случаи. Треба само уште малку дисциплина за да и ставиме крај на оваа болест и да се вратиме во нормалноста, затоа што Св Василја не е само за денес. Да ја прославиме оваа Св. Василја во кругот на нашите семејство, со своите најблиски, да не се групираме на јавни места, да не славиме групно по нашите домови. Со придржување до мерките им помагаме на докторите и медицинскиот персонал во Вевчани барем малку да земат воздух, да издишат додека не лечат, си помагаме и сами себеси. Вековната традиција ќе продолжи и понатаму. Да сте ни здрави и живи, останете во добро здравје, стои во соопштението.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани