Во периодот од 4-ти до 10-ти јануари 2021 година, од страна на седумте инспекциски служби се спроведени вкупно 2.608 надзори и контроли, по основ на почитување на здравствените протоколи и материјалните закони во надлежност на инспекторатите. Во последните седум дена Државниот пазарен инспекторат, изврши 1.789 контроли и 156 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна и по основ на материјалите закони. При тоа, ДПИ изрече 14 прекршочни пријави, 42 решенија за констатираните неправилности, како и 14 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, пет решенија се изречени за непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести. Решенијата се издадени на еден угостителски објект во Охрид, еден во Скопје и три објекта во Гостивар, поради непочитување на дозволеното работно време, при што објектите се затворени на лице место.