Стручниот тим лекари во Детското одделение во Струга успешно се справува со напливот на болни деца

Стручниот тим лекари во Детското одделение во Струга успешно се справува со напливот на болни деца, за 24 часа има и над 120 прегледи

 

 Нема достапен опис

Доктор Вулнет Бектеши педијатар-неонатолог во Општа болница Струга е дел од стручниот тим на Детското одделение од 2008 година каде покрај врвни лекари има и високообучени медицински сестри.

Струшката болница покрива цел регион а последните два месеци, откако Општата болница во Охрид остана без педијатри, тука доаѓаат и болните деца од Охрид.

На Детското одделение работат шест лекари специјалисти кои го покриваат и Одделот за Неонатологија.

„Ние сме тука моментално шест доктори кои го покриваме Детското одделение и Неонатологија. Отворени сме 24 часа за какви било случаи. Во овој период зголемен е бројот на пациенти поради пандемијата но и проблемот со Детското одделение во Охрид кое повеќе од два месеци неработи поради недостиг на педијатри“, вели д-р Вулнент Бектеши.

Во летните и зимските месеци има зголемен број на пациенти и поради нормална патологија, на лето има голем број на туристи и печалбари кои се враќаат во Струга а во текот на зимските месеци присутни се настинките, сезонскиот грип а последните две години и ковид-вирусот и новиот сој на коронавирусот омикрон.

Нема достапен опис

„Минатата година во време на ковид пандемијата училиштата и градинките не работеа и некако повеќе се пазевме па затоа имаше помал број на прегледи. Можеби од страв не доаѓаа или затоа што ковид симптомите помалку беа изразени кај децата. Сега новиот мутант омикрон ја зафаќа и младата популација но за среќа со поблаги симптоми“, вели д-р Бектеши.

Најчесто децата доаѓаат со покачена температура, кашлица, омалаксаност што се совпаѓа со симптомите од омикрон сојот. Според клиничката слика, како што вели д-р Вулнент Бектеши, не може да се потврди дали станува збор за омикрон.

„Таа патологија која ја има сега во овој период ја има секоја година како сезонски настинки и грип. Има деца болни но ние како лекари во Детското одделение не можеме само врз основа на клиничка слика да разликуваме дали се работи за сезонски грип или респираторен синцицијален вирус (РСВ) или некоја друга вироза. Ја следиме состојбата и ако таа се влоши после два три дена, ако температурата не спаѓа или ако се интензивира кашлицата или има влошување на дишењето тогаш мора лабараториски и со брис-тест да потврдиме постои или не тој вирус. “, додава д-р Вулнент Бектеши.

 Нема достапен опис

Доктор Влатко Мицкоски кој има 31 година работен стаж, својата професионална кариера ја започнал токму во Охридската болница. Вели дека недостигот со педијатри како во Охрид така и низ целата држава, е поради погрешно водена политика изминативе 15-тина години.

„Не се водело сметка кој кога ќе оди во пензија за да се обезбедат нови кадри. Сега во Охрид има само една колешка на специјализација но тоа не е доволно. Охрид и понатака ќе има недостиг на кадри и нема да може нормално да функционира. Во Струга има моментално шест лекари од кои четворица за три-четири години заминуваат во пензија. Моментално има двајца специјализанти, можеби ќе има уште двајца и на некој начин ќе може да функционира Детското одделение“ вели д- Мицкоски.

Струшката болница има и доволно болнички кревети за хоспитализација. Лекарите велат дека се спремни да го пребродат и овој период иако работат неуморно со над 120 прегледи во текот на едно деноноќие. Најмладиот пациент позитивен на ковидвирусот во Детското одделение во Струга било едномесечно бебе кое за среќа имало лесна клиничка слика.

Нема достапен опис
„Имаме 18 кревети и 12 кревети во Дневната болница. Во овој момент зголемен е обемот на работа и тие не се доволни. Таму каде што може гледаме да лекуваме преку Дневна болница. Во рок од 24 часа на преглед има и преку 120 деца од кои 40 секојдневно поминуваат преку Дневна болница каде се прима неопходната терапија а останатите се прегледи. Потешки се втората и ноќната смена бидејќи Детското одделение во Охрид не работи, нема педијатар втора смена и тие деца ги згрижуваме тука. За викенди за празници навистина е страшно. Сега за сега издржуваме но ако продолжиме со ова темпо не знам дали ќе издржиме оти треба и концентрација и одмор, сепак работиме со деца а има секакви случаи. Од друга страна наплив имаме не само од Охрид туку и од Ресен и Дебар од каде сите потешки случаи ги препраќаат кај нас“, додава д-р Мицкоски.

Тој вели дека покрај големиот напор често се изложени и на вербални напади.

„Многу е напорно и тешко. Се случува по цел ден да не излезиме од амбуланта. Персоналот не може да издржи. Замислите денеска 100 деца да ги боцкате. Многу е напорно а познавајќи го и менталитетот на луѓето кај нас, не им се чека, често има и вербални напади, навреди, напади, се работи под голем притисок. Сепак ние сето тоа го премолчуваме, замижуваме оти се работи за дете но до кога не знам. Секој трет ден сме дежурни а покриваме и Неонатологија. Секое потешко породување, царски рез или употреба на вакум мора да е присурен и педијатар“, вели д-р Мицкоски.

Според него во медицината секогаш имало и епидемии и пандемии но ваква не паметел.

„Беше и шпанскиот грип но за брзо време се среди. Лично како доктор очекував и ковидвирусот да заврши побрзо. Сметам дека тука малку затаи Светска здравствена организација но мора да продолжиме да се бориме да ставиме крај на оваа пандемија“, смета д-р Мицкоски.

Болните деца со потврден ковид тест ја примаат терапијата во посебна соба а лекарите се постојано во контакт со нивните колеги од ковид-центарот во Козле. Оние потешките случаи се препраќаат во Скопје.

 Нема достапен опис

Вакцината против корона за двајцата лекари е единствениот спас за излез од здравствената криза.

„За коронавирусот следиме и делуваме според светската литература и искуството. Дефинитивно сум за вакцинација и како лекар и како родител. Веднаш кога беше дадено дека и децата над 12 години може да се вакцинираат јас лично и моите деца ги вакцинирав. Вакцината помага иако има и пациенти кои се имунизирани а се разболуваат сепак се со многу поблага клиничка слика“, вели д-р Вулнент Бектеши.

Нема достапен опис

„Вакцинацијата дефинитивно е спасот. Лично јас ги примив сите три вакцини и целото мое семејство се вакцинира. Искрено лично очекував повеќе од вакцината но сепак е добро што се намалува тежината на клиничката слика и смртноста. Ако се гледа процентуално според светските статистики 80-90 одсто од смртноста е кај оние кои не се вакцинирани. Очекувам дека вакцината ќе се доусоврши и ќе ставиме крај на пандемијата“, смета д-р Влатко Мицкоски.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани