Преку претставата „ЧУДО У ШАРГАНУ“, талентираните актери од Ужице на сликовит начин го прикажаа постојаното страдање на обичните луѓе и незаинтересираноста и неможноста да се рабудат од истото.
Фестивалот го затвори Живко Поповски-Цветин, првиот претседател на Црвениот крст на самостојна Македонија, кој рецитираше стихови од Десанка Максимовиќ и Блаже Конески и како голем хуманист и уметник на сите актери и претставниците на Црвен крст Ужице и Црвен крст Охрид им подари од своите уметнички слики.
И оваа година Меѓународниот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ ги исполна очекувањата на организаторот Црвен крст Охрид, а ценејќи според големиот интерес, посетеноста и позитивните реакции и коментари на публиката, овој фестивал го најде и оправда своето место во охридскиот културен простор.
Кога на тоа ќе се додаде и можноста која волонтерите целосно ја иаскористија да креираат театарската игра и да ја афирмираат својата талентираност и сплотеност без јазични, или било какви други бариери, силните хумани пораки кои ги упатија преку театарските претстави, контактите и врските воспоставени со меѓусебното дружењето во овие три дена, со право „ВДИШИ ТЕАТАР“ претставува препознатлив производ и во земјата и во странство, со кој Црвен крст Охрид се гордее.
Изразуваме искрена благодарност до учесниците на фестивалот, до публиката, до волонтерите и вработените во Црвен крст Охрид, до медиумите, до сите институции, фирми и поединци кои го овозможија, поддржаа и помогнаа одржувањето на седмото издание на театарскиот фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ 2022.