Репортажа: Србија привлекува се поголем број туристи

Србија се попривлечна туристичка дестинација. Историјата, природните убавини, термалните центри,манастирите, бројните атракции, вкусната храна се основните причини за се поголем број туристи.

Белград се смета за Балкански Њујорк , град кој никогаш не спие, место каде ќе ја почувствувате урбаната атмосфера, но лесно ќе се вклопите со локалното население кое зрачи со својата гостопримливост и срдечност. Тврдината Калемегдан , каде се преплетува вековната историја и се сретнуваат реките Дунав и Сава, била важна воена тврдина во средновековието, денес еден од најживописните паркови во регионот.

За Белграѓани и посетителите ова е задолжително место за прошетка со величествен поглед кон градот.

-„1867 година кога Турците ја напуштиле тврдината таа е пренаменета во прекрасен парк Калемегдан што на турски значи поле за битка. Денеска е прекрасен парк кој освен тврдината која е комбинација на тврдина од Римско време, од Византиско, Српско, Бугарско, Унгарско, Турско и Австриско можеме да видиме прекрасен парк со диносауруси, има воен музеј, тука се наоѓа уметнички павиљон како и Белградска зоолошка градина. Има и спортски терени, тениски игралишта, кошаркарски, места за фудбал, значи многу манифестации се оддржуваат тука“, изјави Симонида Попов –Диховични-туристички водич.

Најновата атракција кај нашите северни соседи е Белград на вода. Комплекс на ултра модерни згради распослани на широкото шеталиште покрај Сава, кои го надополнуваат луксузниот градски пејсаж. Тука е и Белградска кула висока 169 метри местото каде туристите ги прават највпечатливите фотографии со прекрасното зајдисонце и поглед од кој запира здивот.

Црквата Свети Сава е најимпозантниот храм кој го носи името на основачот на српската православна вера. Воодушевува со својот изглед и духовна енергија. Тука се наоѓа и Националната библиотека, опкружена со факултети, локалитет кој заслужува особено внимание.

-„Самиот храм е граден така со план да можат околу 10 илјади луѓе во еден момент да бидат во самиот храм. Позлатениот крст е висок 10 метри, фантастичната купола има дијаметар од скоро 30 метри и тежи околи 4 000 тони па морала да биде подигната во внатрешноста на самиот храм. Градбата на храмот започнала 1985 година на рушевините на еден нигогаш недовршен храм во 1935 година нашиот храм е завршен“, вели Диховични.

Кога од Белград патувате кон југ, задолжителна локација за посета е Манастирот Манасија или Ресава, кој е еден од најзначајните споменици на српската средновековна култура.Градба која припаѓа на Моравската школа, а се наоѓа 30 километри од автопатот Белград –Ниш. Целиот комплекс е опкружен со тврдина, високи камени ѕидови со 11 кули, кои во минатото служеле за одбрана . Таму ќе ве пресретне некој од манасите, а ќе ве воодушеви нивната гостопримливост, смиреност и духовност.

-„Ресавска препишувачка школа се градела паралелно со целиот комплекс и со самата црква. Тоа е и доказ колку духовноста била значајна за деспотот Стефан Лазаревиќ. Зградата на Ресавската школа за целиот српски народ има големо значење“, раскажува Гордана Милошевиќ –туристички водич.

Не смее да се одмина една од најголемите, најубавите и најбогатите природни атракции. Тоа е Ресавската пештера,откриена во 1962 година од страна на планинари и спеолози. Сите делови на пештерата се богати со украси од кристален калцит. Застапени се речиси сите видови пештерски украси, од масивни столбови од сталагмити и сталактити до мали кади со бисери на дното на пештерата.

„Истражувањето и уредувањето траело 10 години и пештерата официјално е отворена 22 април 1972 година. Има две нивоа со по 4 сали. Температурата е плус седум степени а вражноста на воздухот е помеѓу 80 и 100 проценти. Самиот влез во пештерата е на 485 метри надморска висина а најниската точка која е направена за посетители е на 405 метри надморска висина. Секоја сала е посебна на свој начин“, раскажува Анѓелка Богдановиќ-туристички водич.

Кога патувате кон Ниш не се пропушта посетата на најстарата бања во Србија. Сокобања, спој на дарежлива природа,планински воздух,реки, бањи и езера. Омиленото место на нобеловецот Иво Андриќ, каде денес има негова Спомен соба. Познатиот писател редовно доаѓал во својот апартман каде во мир пишувал уживајќи во природата, далеку од сите.

„Секогаш престојувал во овој апартман бр 144 оти најповеќе го потсетувал на неговиот роден Вишеград кога гледал низ прозорецот каде од една страна имал планина а од друга страна река. Со години овај апартман беше достапен за туристи но од 2011 година хотел Моравица и Музејот на град Белград донесоа одлука овај апартман да се претвори во Спомен соба“, вели Весна Милосављевич- туристички водич.

Не треба да се одмине Ниш еден од најстарите градови на Балканот и Европа, кој од античките времиња се смета за порта помеѓу Истокот и Западот. Тука е Череп кулата едно од најпосетуваните места, кула изградена од черепи на Срби кои биле обезглавени од страна на Турците во 19 век. Нишката тврдина е симбол на градот каде секоја педа има богатата историја.

„Она што ја прави вредна и што ја краси е тоа што отсекогаш била средена и уредена и таа е сега наш најголем градски парк каде можеме да уживаме во ладовина и во топлите летни денови. Внатре имаме различни уметнички павилјони како и многу кафетерии и ресторани така да Нишката тврдина е една права оаза за уживање за туристите а посебно за луѓето кои ја сакаат историјата оти таа е преполна со историја“, раскажува Милица Беган- туристички водич.

 

Туризмот во Србија е официјално признат како примарна област за економски раст. Во 2019 година туризмот остварил приход од речиси 1,698 милијарди долари, или 3 милиони и седумстотини илјади туристи, од кои половината беа странци. По пандемијата се бележи закрепнување, се поголем број туристи ја посетуваат Србија.

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани