Младите од Охрид ги исчистија плажите во рамките на проектот „Чисто езеро-светла иднина“

Викендов во Охрид се одржа голема еко-акција за чистење на крајбрежјето на Охридското езеро.

На повеќе плажи младите од Охрид, помогнати од волонтерите од „Црвен крст“- Охрид, собираа најразличен отпад во рамките на проектот „Чисто езеро-светла иднина“ кој се реализира со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од Здружението на граѓани „Нова порта“ велат дека ова е четврта акција за чистење на најкритичните места вдолж брегот на Охридското езеро.

„Интересот кај младите за да се вклучат во акцијата е голем. Изминатиов месец на повеќе локации се собираше отпадот а беше спроведека и креативна акција „Не фрљај ѓубре смрдиТ“ на која преку типичен охридски дијалект беа изработени транспаренти со еколошки пораки за заштита на Охридското езеро. Целта пред се е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското езеро и крајбрежјето“ , велат од „Нова порта“

Оттаму додаваат дека вакви акции се исклучително потребни оти едукацијата и практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина.

Претходно во рамките на проектот се реализира и подводно чистење на езерото од страна на професионални нуркачи а собраниот отпад беше презентиран пред младите на кој им беше потенцирана штетноста врз ендемичниот свет, кој милиони години живее во Охридското Езеро.

„Најмалите преку вакви акции осознаваат за значењето на здравата животна средина. Во таа насока се организираа и едукативни еко-работилници како и еко-акција заедно со нуркачите за расчистување на дното на езерото“, велат од невладината „Нова Порта“.

За подигнување на еколошката свест во рамките на проектот ќе биде изработен и видео спот преку кој младите ќе испратат силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина а исчистените плажи ќе бидат обележани со еко-знамиња како еколошко-чисти плажи.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани