
Хаос на струшките плажи. Скутери и глисери дивеат по езерската шир загрозувајќи ја безбедноста на капачите. Не се почитува забраната за возење скутери, а егзибиции и лудории се изведуваат во кругот на самите капалишта, кои не се обележани и немаат спасители.
Пловилата треба да возат на 200 метри од брегот, подалеку од капачите, но скутерџии возат меѓу нив. Од Капетанија на пристаништа велат постојано добиваат поплаки од граѓани.


-Зачестените пријави доаѓаат од струшкото крајбрежје, јас не знам дали вака нескромно можам да кажам дека се работи за специфичност на менталитет, меѓутоа факт е дека во таа средина на тој дел од езерото имаме повеќе нарушувања на правилата и прописите, вели Горан Устијаноски капетан на Капетанија на пристаништа.
За безбедноста во пловидбата на целото езеро се грижи само еден инспектор , откако вториот неодамна замина во пензија. Од друга страна новите пловила кои ја загрозуваат безбедноста се далеку побрзи од оние со кои располага Капетанија.
-Колку повеќе имаме инспектори, колку повеќе технички средства за спроведување на надзорот, ефектот ќе биде поголем.Одредени луѓе имаат ултра силни скутери кои што имаме ситуации и побегнал на инспекцијата, не можеш да го стигниш, додава Устијаноски.
Забраната за управување на скутери е воведена пред десетина години, стартува на 01 јули до 31 август. За непочитување на законот за внатрешна пловидба, ова лето поднесени се 25 санкции, од кои поголемиот дел на струшкото крајбрежје.
Новинар Соња Рилковска