Кајакарска авантура главна атракција во струшко

Расте интересот за активен туризам во струшко. Надвор од конвенционалниот, сонце и плажа, се повеќе туристи се заинтересирани за кајакарење, планинарење, велосипедизам. Веслање кајак, преку реката Црн Дрим до Глобочичко езеро, оваа сезона е главната туристичка атракција во Струга.
Љубителите на авантуризмот кајакарат низ живописната природа запознавајќи се со духот и раскошот на најстарото езеро во Европа, клисурата на Дрим и потопеното село Глобочица.


-Ние им понудивме една малку поинаква авантура каде што се среќаваат со недопрена природа која како што спомнав ни самите ние до пред извесно време дека постои практично во Струга надвор од општината кон Дримколските села, вели Коста Хиохи од кајакарскиот клуб Соларис Струга.


Кајакарската авантура, која е спој со природата,плени со импресии, долга е 14 километри и трае три часа. Покрај странците, интерес има и кај домашните гости.

-Годинава претежнуваат нашите македонските туристи, претпоставувам причина за тоа е она што им го понудивме како нешто неотркиено во земјава, како нешто што можеме да го понудиме надвор од конвенционалниот туризам од типот изнајмување педлинки, кајаци итн во езерото“, додава Хиохи.

Кајакарите ја раскажуваат приказната за свадбениот пат на јагулата, потопеното село Глобочица за потребите на хидроелектраната, кое до ден денес на 30 метри длабочина е подводен сведок за животот пред 1965 година.

Новинар Соња Рилковска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани